Подобрување на условите за живот на околу 40 семејства кои се дел од урбаната заедница Кире Костадиновски. Улицата на која до неодамна немаше инфраструктура сега има нова канализациона, водоводна мрежа, а денес завршува и нејзиното асфалтирање. Општина Битола овој проект го финансираше со 6 500 000 денари.
„Ова е местото на кое што имаме една, најверојатно од завршните интервенции во простор, затоа што се ближи крајот на годината и завршува и градежната сезона, но доколку времето не послужи продолжуваме понатаму. Од ова место понатаму нема друга улица. Интервенираме на улиците „Јабланица“ и „Кукуш“, со водоводна мрежа и канализација и двете места ги поврзуваме. Овде карактеристично е тоа што се оди со два типа на асфалт: основен и фин дел. Денес ова очекувам да биде завршено. Оваа улица и останатите 32 се една третина од најавените 100 улици“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Изградбата на овие улици значи проширување на населбата, а проектот се реализираше по барање на жителите од оваа урбана заедница:
„Во името на граѓаните на улица Кукуш и Јабланица изразувам голема благодарност. Градоначалникот Талески ветеното го исполни, ни рече дека до крајот на годината овој проект ќе биде завршен. Тој е единствениот градоначалник кој за време на кампања дошол тука да не посети и повторно се вратил тука со завршен проект, изјави Нечовски Игор, претседател на УЗ Кире Костадиновски – Битола.
Градоначалникот Талески со жителите разговараше и за идните приоритети на оваа урбана заедница од кои дел предвидено е да се реализираат идната година.