ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ СО ЧЕСТИТКИ И ПОДАРОЦИ ЗА НАЈМЛАДИТЕ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ СО ЧЕСТИТКИ И ПОДАРОЦИ ЗА НАЈМЛАДИТЕ

Новогодишните и Божиќните празници носат најголема радост кај најмладите. Љубовта, топлината и вниманието подарени на децата го разубавуваат нивниот живот, ја зголемуваат љубопитноста, но и позитивно влијаат врз формирањето на личноста. Токму во таа насока беше и денешната посета на повеќе институции од нашата општина, каде што Градоначалникот д-р Владимир Талески донираше новогодишни подароци за децата од заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас, Заводот за рехабилитација „Кочо Рацин“, домот за доенчиња и мали деца, како и дневниот центар за деца со телесна и ментална попреченост и центарот за деца на улица и улични деца.
„Денешниов ден го посветивме на повеќе деца во нашата општина, на сите деца им посакувам добро здравје, среќа, радост и успех. Да им се исполнат сите желби кои ги посакале од Дедо Мраз. И јас имам внук и ние веќе испративме писма и доколку и тој ги исполни критериумите на Дедо Мраз ќе добие подарок од него. Така, на сите деца во нашата општина им порачувам да им се испоплнат сите желби, на родителите добро здравје, многу среќа, радост и нив да им се исполнат сите желби. Ја честитам Новата 2014 година и Божиќните празници со надеж дека 2014 ќе ни биде уште поуспешна од оваа што изминува. Денес посетивме неколку институции и се разбира не ги забораваме децата кои имаат поинакви проблеми од децата кои што се во своите топли семејства, со своите родители. На овие деца во текот на целата година се обидуваме да им дадеме помош и поддршка. Она што е особено значајно да се забалежи е дека секаде каде што се движиме во институциите децата се опкружени со голема љубов, грижа и топлина од вработените“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Покрај ваквата хуманост, Општина Битола континуирано води грижа за социјална заштита на сите граѓани, поради што веќе е во изработка новата стратегија за социјална заштита. Во пресрет на празниците пак, во недела завршува конкурсот за избор на најубаво новогодишно украсен простор, а од тогаш започнува и новогодишната програма на Општина Битола.