ЗАВРШИ ПРВАТА ФАЗА ОД РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКИОТ ПАЗАР

ЗАВРШИ ПРВАТА ФАЗА ОД РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ГРАДСКИОТ ПАЗАР

Поголема пристапност, зголемена безбедност, модерен изглед и значително зголемен интерес за тезгите во градскиот пазар, се само дел од придобивките кои доаѓаат со реконструкцијата на централниот дел од градскиот пазар. Денес и официјално овој дел беше пуштен во употреба:
„Само пред неколку месеци бевме на ова место. Знаете како изгледаше пазарот: подот беше нерамен, многу уништен и непрактичен. Интервенцијата е по европски стандарди, а општина Битола максимално ова го поддржа. Преку програмите на Советот на општината имаме можност да ги поддржуваме јавните претпријатија во многу активности. Денес официјално го пуштаме во употреба централниот – првиот дел. Ќе следуваат уште два дела кои што чекор по чекор со директорот ќе ги договараме. Имаме специјален покрив, осветлување и можност за брзо чистење. Интервенираме во нешто што е имиџ на градот. Ова е голема придобивка и благодет за сите наши граѓани кои доаѓаат да купуваат во Битола“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 13 000 000 денари, од кои 9 000 000 денари инвестираше Општина Битола, а ЈП Пазари 3 000 000 денари. Продавачите кои повеќе од 50 години работеа во премногу тешки услови на ова место, денес со радост зборуваат за големите придобивки, кои веруваат дека ќе им донесат и поголема заработувачка. Во оваа насока, директорот на јавното претпријатие „Пазари“, најави завршување и на следните две фази:
„Денес ја завршуваме реконструкцијата на централниот дел кој што беше во една многу лоша состојба и статички постоеше ризик од паѓање. Го направивме според стандарди и по систем кој беспрекорно ќе функционира. Сите тезги се во функција, нема тесни и скриени грла, достапни се до купувачите. Кога комплетно ќе биде завршен пазарот ќе биде на едно ниво. Најстручно е завршена оваа фаза, а исто продолжуваме и понатаму“, изјави Благој Дивитаров, директор на ЈП Пазари.
Со првата фаза од реконструкцијата покрај значително подобрените услови за продавачите и купувачите, зголемен е и бројот на тезги од 40 на 90, а во моментов нема слободни тезги.