ИНТЕНЗИВНИ ИНФРАСТРУКТУРНИ АКТИВНОСТИ И МЕЃУНАРОДНИ ПРИЗНАНИЈА ЈА ОДБЕЛЕЖУВААТ 2013 ГОДИНА ВО ОПШТИНА БИТОЛА

ИНТЕНЗИВНИ ИНФРАСТРУКТУРНИ АКТИВНОСТИ И МЕЃУНАРОДНИ ПРИЗНАНИЈА ЈА ОДБЕЛЕЖУВААТ 2013 ГОДИНА ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Интензивна градежна сезона, голем број реализирани инфраструктурни проекти, инвестиции насочени кон интензивен економски раст, вложувања во спортот и културата, образованието и социјалната заштита се само дел од приоритетите на кои општина Битола стави акцент во реализацијата на програмата за изминатата 2013 година.
Резултатите од капиталните проекти насочени кон подобрување на животот на граѓаните секојдневно се потврдуваат со нивното задоволство изразено во секојдневната комуникација, а истовремено и со големите меѓународни признанија кои ги добива општината, а кои и годинава се потврда за големиот и континуиран ангажман, посветеност и исполнителност.
Европската Бизнис Асемблеjа од Велика Британија, односно Сократ Комитетот, на 19ти декември едногласно го додели највисокото интернационално годишно признание „Најдобра Општина“ на Општина Битола и „Најдобар Градоначалник“ на д-р Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола, признание кое во идниот период ќе донесе големи придобивки за Општина Битола.
Почитувајќи ги принципите на отчетност, транспарентност, а пред се исполнителност изминатата година во општина Битола беше реализирана најинтензивната градежна сезона.
Битола е општина целосно подготвена за нови инвестиции и инфраструктурно уредување.
Еден од проектите кои се дел од програмата беше реконструкција на над 100 улици за период од 4 години. Само во 2013 година извршена е реконструкција на вкупно 33 улици, а додавајќи ги и краците станува збор за бројка над 53 улици меѓу кои на голем број улици особено во руралните места на многу локации за прв пат поставен е асфалт.
Фабриката „Кромберг и Шуберт“ веќе има околу 1000 нововработени лица, а се очекува со овој проект да бидат вкупно вработени околу 2.500 лица. Неодамна, во зоната започна изградба на уште една фабрика за ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци. Станува збор за инвестиција од грчки инвеститор, вредна 1 000 000 евра. Интензивно се работи и на инфраструктурата во касарната – Златен Рид каде има повеќе инвеститори, а во завршна фаза е и изградбата на Црн мост, како и првата фаза на изградбата на Киното Манаки. На почетокот на јануари се очекува и комплетно да биде завршена реконструкцијата на Домот за стари лица „Сју Рајдер“, а продолжува реализацијата и на други капитални проекти. Интензивно се работи на проектот за топлификација, чиј бенефит ќе донесе здрава и чиста животна средина, во чија насока Општина Битола во рамките на својата надлежност донесе свои соодветни програми и одлуки. Во моментот е во тек и постапка за избор на фирма која што ќе врши мерење на состојбата со воздухот на повеќе локации во општината што ќе даде точни параметри и понатамошни насоки. Во изминатата 2013 година формиран е социоекономски совет, совет за образование, унија на совети на родители, извршена е реконструкција на ОУ Ѓорги Сугарев, реконструкција во ОУ Стив Наумов, а во тек е реконструкцијата на дограмата и во СОУ Таки Даскало, поставени се сончеви панели во две детски градинки… Во делот на спортот завршена е изградбата на едно повеќенаменско игралиште, скејт парк, игралиште со вештачка трева, три нови терени за тенис, а продолжува и поддршката за спортските клубови и спортисти. Стреланата која и беше ветена на Оливера Наковска Бикова веќе е подготвена, а деновиве потпишан е договор со фирма која работи проект за изградба на фудбалски стадион за Битола со капацитет за 12 000 гледачи. Фирмата има рок до кој треба да го изработи проектот, информираше градоначалникот Талески.
Индустриска зона Жабени, Старата касарна, инфраструктура во целата општина, нови детски градинки како и продолжување на веќе започнатите проекти остануваат приоритети на општината за 2014 година, рече градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески на денешната прес конференција на која детално информираше за најзначајните – капитални проекти реализирани во 2013 година.