ПОТВРДА ЗА ОФИЦИЈАЛНО ЧЛЕНСТВО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ ВО ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА ЕВРОПСКА БИЗНИС АСЕМБЛЕЈА

ПОТВРДА ЗА ОФИЦИЈАЛНО ЧЛЕНСТВО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ ВО ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА ЕВРОПСКА БИЗНИС АСЕМБЛЕЈА

На 19 ти декември Европската Бизнис Асемблеjа од Велика Британија, односно Сократ Комитетот, едногласно го додели највисокото интернационално годишно признание „Најдобра Општина“ на Општина Битола и „Најдобар Градоначалник“ на д-р Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола. Ова престижно признание беше доделено со номинирање врз основа на претходно препознавање на репутацијата на градот, ефективното управување, постојаниот раст и развој како и атрактивноста за туристите. Денес од Европската Бизнис Асемблеја стигна и потврда за официјално членство на Градоначалникот д-р Владимир Талески во интернационалната Европска Бизнис Асемблеја:
„Чест ми е да Ве поканам на следниот Самит на лидери во 2014, каде што ќе имате можност да се сретнете со инвеститори и другите членови на Европската Бизнис Асемблеја“, порача Генералниот директор Џон Нетинг во своето писмо во кое изразува благодарност за присуството на свеченото доделување на наградата, притоа испраќајќи честитки и желби за лични и деловни успеси во 2014.
Со ваквото членство на градоначалникот, Општина Битола во следните пет години добива можност за интернационална промоција, а со тоа и привлекување на голем број инвеститори и интензивен економски развој на општината во идниот период.
„Чест ни е што благодарение на довербата која што ни ја дадоа граѓаните да бидеме локална самоуправа на Општина Битола успеавме да стигнеме до едно вакво големо престижно признание за кое незнаев дека постои. Добивме сертификат и лиценца со важност од пет години што ќе овозможи презентирање на сите самити кои тие ќе ги организираат. Ни прави голема чест што во категоријата раст и развој ние ја добиваме наградата за најдобар град и најдобар градоначалник. Остваривме голем број контакти. Ги очекуваме и првите луѓе на Сократ Комитетот да дојдат во Битола. Ова Битола ја носи високо на мапата на градови кои заслужуваат многу поголемо внимание во светски рамки, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
После номинацијата за ова престижно признание, работата на Општина Битола беше следена во период од една година, а главен соработник во активностите кои се реализираа беше м-р Ирена Ружин, експерт и надворешен соработник на Општина Битола.
„Во себе чувствував дека Битола има големи можности и дека може да одговори на строгите барања и критериуми на Европската Бизнис Асемблеја со седиште во Оксфорд, Кралство Велика Британија. Европската Бизнис Асемблеја е многу позната и многу престижна асоцијација во која што членуваат големи имиња од светот на политиката, од светот на економијата, образованието и другите сфери. Апликацијата беше направена врз основа на строгите критериуми на Сократ Комитетот кој што го има главниот збор при одлучувањето и доделувањето на наградите. Бизнис Асемблејата препознава одреден авторитет град и одреден авторитет градоначалник врз основа на нивните анализи кои ги работат во соработка со интернационални организации кои што работат продалабочени медиумски анализи, интернационално рангирање според нивната активност во меѓународниот свет, социолошки истражувања и првични анализи од експерти од областа на статистичките податоци. Оваа година тие, сите анализи ги правеа врз нивото на задоволството кај граѓаните, социјалната и политичката стабилност, економското опкружување (регулативи,даноци, олеснувања…), социо- културниот развој и програмите за поддршка, образование, здравство и социјала, меѓународна соработка, јавни услуги и транспорт, инфрастуктура, сообраќај, рекреација и забава и општинските административни методи, изјави м-р Ирена Ружин, надворешен соработник на општина Битола.
Наградата „Најдобра Општина“ и „Најдобар Градоначалник“ се очекува да донесе големи бенефити за понатамошен развој и просперитет на Општина Битола.