ПОЗНАТАТА АКТЕРКА НАТАЛИЈА БОНДАРЧУК САКА ДА СНИМА ФИЛМ ВО БИТОЛА

ПОЗНАТАТА АКТЕРКА НАТАЛИЈА БОНДАРЧУК САКА ДА СНИМА ФИЛМ ВО БИТОЛА

Ќерката на  оскаровецот режисерот Сергеј Бондарчук, познатата ѕвезда од култниот филм „Соларис“, руската актерка Наталија Бондарчук денес го посети Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески. На средбата таа ја покажа својата голема импресионираност од Битола, а изрази и желба за понатамошна соработка со градоначалникот Талески.

„Многу пријатно се чувствував по патот особено затоа што има снег, а јас во моментот го снимам филмот „Тајната на снежната кралица“. Кога го видов прекрасниот град сфатив дека сакам да се прошетам низ градот пеш, да ги видам убавините и зградите во градот. А кога го видов Градоначалникот Владимир Талески добив желба да снимам филм со него“, изјави актерката Бондарчук.

Бондарчук е за прв пат во Македонија благодарение на претставникот на рускиот културен центар од Бугарија, Владимир Јастреба. Сепак, таа совршено го разбира македонскиот јазик, така што додаде дека се снаоѓа и без допоплнителниот превод.

„Честитки за Кинотека на РМ, за Центарот за култура, нашиот конзулат, нашите соработници од Софија и се разбира големо задоволство е една историска личност која што значи големо име во филмската продукција да ни биде лично присутна во Македонија. Знаете дека веќе има една голема активност во културата, конкретно во Центарот за култура во Битола започнува циклус на филмови на Андреј Тарковски. Вечерва првата проекција ќе биде „Соларис“ во насловна улога со нашата гостинка Бондарчук. Со неа споделивме многу значајни работи, а ме изненади доста што знаеше многу за нашиот град, за нашата култура, за нашиот фестивал, за првата камера, изјави Владимир Талески, Градоначалник на Општина Битола.

Бондарчук искрено ја изрази својата желба за прошетка и фотографирање на големото културно наследство на Битола. На Градоначалникот Талески таа веќе му подари неколку фотографии кои пренесуваат мигови и личности со големо значење за светската филмска продукција, а Градоначалникот и подари икона со заштитникот на Битола, Свети Нектариј Битолски.