Модернизација на системот на стручно образование и обука

Модернизација на системот на стручно образование и обука

 

Во рамките на твининг проектот „Модернизација на системот на стручно образование и обука“ кој го спроведуваат центрите за стручно образование на Република Македонија и Република Словенија, а со цел реформи во две и тригодишното стручно образование во Македонија, во Битола се одржа панел дискусија на која беа презентирани образовните програми на  графичката струка во СОУ „Таки Даскало“.

„Многу работевме со училиштето „Таки Даскало“, обработувавме две програми печатар и графосликар. Ова ќе биде придонес во вашиот училишен систем, затоа што е многу важно овие програми да се флексибилни, да работат на социјално партнерство во локалната средина и пошироко, со работодавачите и други социјални партнери, на некој начин да внесат нов пристап во образовниот систем што значи дека се целноориентирани и фокусирани на компетенции, што е ново во вашата земја, изјави Ема Перме од Словенија.

Реформите предвидуваат и нови методи на учење, а локалната самоуправа ќе даде максимална поддршка за модернизацијата на образовниот систем.

„Ќе се изработи еден елаборат кој што ќе го направат професорите и стручните луѓе од нашето училиште, ќе го достават до општината, која што тоа максимално ќе го поддржи и веројатно ќе бараме од министерството за образование поддршка за отворање и на нови смерови. Ова искуство е многу значајно за нас и убеден сум дека овој процес кој што е во завршна фаза во Словенија, овде применет ќе даде големи резултати и најважното:мислам дека ќе биде ново искуство и за професорите и ќе помогне на учениците кои што треба да се остручат за професијата која ја избрале, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.

На панел дискусијата присуствуваа и сите стопанственици од графичка струка од Битола, како и гости од Прилеп.

„Најповеќе ме интересира поврзаноста на графичката струка со стопанството, колку повеќе учениците се оспособени, толку повеќе ќе бидат барани на пазарот на трудот. Затоа се обидуваме да имаме некои нови насоки кои што ќе бидат добри за учениците да можат да си го најдат своето место на пазарот на трудот, изјави Владимир Трифуновски, директор на СОУ Таки Даскало.

Спроведувањето на твининг проектите е со цел внесување на новитети во земјите кои се на патот кон Европската унија.