Нова водоводна мрежа на ул.„8-ма“

Нова водоводна мрежа на ул.„8-ма“

Жителите на улицата „8-ма“ ќе добијат квалитетно водоснабдување по завршувањето на активностите од проектот за реконструкција на водоводната мрежа на оваа улица. Интервенциите на улицата „8-ма“ со кои се врши замена на старите азбестни цевки со нови, се дел од програмата на Општина Битола, а продолжија веднаш по завршувањето на активностите на улица „9-та“.

„Во моментов работиме на смена на водоводната мрежа и се надевам дека до крајот на оваа градежна сезона сето она што е возможно практично ќе го реализираме. Претходно, во оваа близина интервениравме на улица „9-та“. Вкупната вредност, значи целата подземна интервенција, инфраструктура, коловоз е некаде околу 6 500 000 денари, а овој дел над 1 300 000 денари. Ангажирани се повеќе фирми за различни активности, а ќе асфалтираме според барањето на мештаните“, изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.

Продолжуваат градежните активности и низ останатите пунктови на Општина Битола. Во централното градско јадро, покрај изградбата на новиот кружен тек, предвидени се и дополнителни интервенции со кои ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.