Изложба за еврејските сеќавања

Изложба за еврејските сеќавања

 

Базирана врз инспиративниот проект за истражување на усната историја на фондацијата Центропа, во Центарот за култура во Битола беше отворена изложба за еврејските сеќавања. Изложбата претставува прв проект на новоотворениот унгарски конзулат во Битола кој се реализира во соработка со унгарската амбасада. Фотографиите ја пренесуваат животната приказна на евреите од Централна Европа.

„По успешната изложба на збирката во меморијалниот центар на Холокаустот на Македонија, нашата амбасада има чест да ја донесе оваа збирка овде во оваа културна институција за првпат. Да не заборавиме, Битола со векови беше дом на просперитетната сефардска заедница. Ова убеден сум ќе придонесе кон важноста на изложбата на тема „за еврејското помнење и сеќавање“, изјави Јозеф Бенце, амбасадор на Унгарија во Република Македонија.

Битола е град во кој се сочувани спомените за евреите пред Втората светска војна, а тоа е токму приказната која произлегува од фотографиите кои се дел од оваа изложба.

„Пред многу кратко време го отворивме 13-тиот почесен конзулат во Битола – унгарскиот и би рекол ова е веќе првата работна активност на нашиот почесен конзул, а присуството на амбасадорот потврдува за успешната соработка меѓу нив, односно меѓу Битола и почесниот конзулат. И овој настан е потврда на една голема награда која ја добивме на Светскиот саем во Лугано“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.

На отворањето на изложбата присуствуваа голем број гости од Битола и регионот.