БЕЗБЕДНИ УЧИЛИШТА – ХАРМОНИЧНА СРЕДИНА

БЕЗБЕДНИ УЧИЛИШТА – ХАРМОНИЧНА СРЕДИНА

Проектот „Безбедни училишта – хармонична средина“, со поддршка на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, се спроведува во 9 општини во Република Македонија, меѓу кои и Општина Битола, односно сите средни училишта на територијата на Општина Битола. Денеска во Битола беше заокружена првата фаза од овој проект.
Цел на проектот е поддршка на Министерството за внатрешни работи, министерството за образование и наука, локалната самоуправа и локалниот совет за превенција, при формирањето на одржлив превентивен „Модел за безбедност во училиштата“, кој ќе придонесе при намалувањето на криминалот и насилното однесување меѓу младите во средните училишта.
„Ова е многу интересен проект, уште веднаш кога дојдоа да го предложат јас го прифатив. Формиран е Локален совет за превенција, многу значајно нешто и работна група која одржа многу состаноци, ги испитуваше сите сегменти и мислам дека донесовме еден многу важен документ. Денеска е завршница на првиот дел од овој проект, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.

Во изминатиот период се одржаа состаноци на Локалниот совет за превенција, со цел презентирање на моделот за безбедност во училиштата и давање на препораки за идните постапки кои се однесуваат на безбедноста во училиштата. Моделот за безбедност во училиштата претставува интегриран пристап, имплементиран од страна на голем број членови на заедницата и е од суштинско значење за постигнување на безбедна средина во училиштата. По презентирањето на моделот беше формирана работна група составена од претставници од СВР Битола, Општина Битола, Центар за социјални работи, средните училишта во Општина Битола. Работната група изготви единствен документ со конкретни стратешки насоки за подобрување на безбедноста во училиштата. Овој документ беше одобрен од Локалниот совет за превенција, а потоа и од Советот на Општина Битола. По одобрувањето документот е задолжителен за сите средни училишта и е содржан во годишните програми на училиштата за 2012/2013 година.
Градоначалникот Талески во своето обраќање даде предлог во идниот период проектот да се прошири со започнување на ист или сличен проект и во основните училишта.