НА БИТ ФЕСТ ЗАПОЧНУВА БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД

НА БИТ ФЕСТ ЗАПОЧНУВА БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД

 

Денеска во Битола започнува дванаесеттото издание на Интернационалниот младински арт фестивал “Битола отворен град 2013” во чии рамки главна атракција ќе биде настапот на мега популарниот DJ Michael Gray  од  Велика Британија, еден од најпочитуваните и најбараните музички уметници на глобалната музичка денс сцена. Најголемиот музички настан за 2013 во Битола, настапот на Michael Gray, е и негов прв и ексклузивен настап во Република Македонија. За прв пат големиот музички хепенинг ќе се одржи на Широк сокак каде атмосферата ќе ја загрее и атрактивната Djane Nadine DJ од Унгарија, која во последните неколку години е меѓу најбараните и најангажираните женски диџеи. Куриозитет на фестивалот е Трката на штикли која Младинскиот културен центар – Битола реши да ја обнови, годинава како национална, а догодина ќе прерасне во меѓународна.
„Од вчера започна најдолгото културно лето во Република Македонија, најбогато со содржини, а убеден сум и со максимален квалитет. После она што се случи минатата година, мислам на 170 те настани што ги имавме на БИТ ФЕСТ, оваа година имаме многу повеќе. Се надевам се ќе протече во најдобар ред, затоа што веќе го имаме потребното искуство и одличната организација и се разбира целата поддршка од сите останати кои порано ги организираа сопствените манифестации. Сега во рамките на БИТ ФЕСТ ги имаме и:Битола отворен град, Илинденски денови, АКТО, Локум фест и сите останати содржини кои претходно беа во рамките на БИТ ФЕСТ. МКЦ се исклучителни и затоа ја имаат нашата максимална поддршка со својата манифестација Битола отворен град. Со голема креација и максимално одлична организација, секогаш го подигаат не само она што е реноме на Битола отворен град, туку и на БИТ ФЕСТ, а со тоа сите заедно ја популаризираме Битола и не случајно во многу италијански медиуми, Битола е вброена како четврта општина во Европа по број на културни настани, по глава на жител. Нашата поддршка ќе ја имате и понатаму, тоа го кажував досега како градо0началник, а сега и како член од ова жири, се надевам дека ќе имам можност да бидам со вас на трката што е исклучително затоа што таа е единствена манифестација во Република Македонија и гледам дека како атракција има голема афирмација. Убеден сум дека после она што го имавме со Моралес овде на Широк Сокак и настанот со големиот ди џеј од Велика Британија, Мајкл Греј ќе биде исклучителен“, изјави градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.

На денешната прес конференција беше презентирана програмата на фестивалот во чии рамки од 26-ти до 29-ти јуни на повеќе локации во градот се предвидени концерти на групи од земјата и странство, отворени улични журки, изложби, перформанси, како и традиционалниот голем музички хепенинг во соработка со Фреш Унион, овој пат со спектактакуларен настап на DJ Michael Gray и DJ Djane Nadine, додека како претходница ќе настапат Dj Acika, Dejan Dex, DJ Dee Dean Mickoski од Македонија.
Како соло музичар DJ Michael Gray се прослави со синглот “The Weekend” и со успешниот последователен хит “Borderline”. Тој е ко-сопственик на познатата музичка продуцентска куќа“Full Intention” од Англија во чиј распоред овој јуни спаѓа и промоцијата на најновиот музички материјал. Со посебен стил на сцената, Djane Nadine од Унгарија  веќе има изграден статус на признат и познат уметник во својата професија. Фановите ја препознаваат по впечатливите и авангардни настапи низ цел свет. Дел од уметничката програма се и поп арт изложбата на Никола Данчевиќ – Гринго од Србија на тема  “Отворете го вашиот ум, невашите џебови”,  трката на штикли на Широк сокак, концерт на Billy Andol од Босна и Херцеговина, “Страв од Џеки Чен” од Србија, Spank од Македонија, како и Face and body painting  со Александра Димитриевска од Македонија.
Фестивалот се одржува во рамките на Битфест 2013 и е поддржан од ONE и Градоначалникот на општина Битола. Заради атрактивноста на главните ѕвезди, како и заради традицијата главниот музички хепенинг на фестивалот да го посетува над 4.000-на публика од земјата и странство, годинава се очекува уште поголем број на фанови што уште еднаш ќе го потврди статусот на главниот настан како најмасовен музички настан во Битола секое лето.