БИТ ФЕСТ: АНТИЧКАТА МЕДИЦИНА ВО ХЕРАКЛЕА

БИТ ФЕСТ: АНТИЧКАТА МЕДИЦИНА ВО ХЕРАКЛЕА

Во античкиот локалитет Хераклеа се одржа промоција на проектот „Античката медицина во Хераклеа“. Проектот претставува еден дел од античкиот начин и стил на живеење и лекување на болестите, тегобите, но и попријатните аспекти од животот– разубавувањето и козметиката.
Авторите на овој филмски проект го претставува пристапот на античкиот човек кон здравјето, неговите обиди и методи како да се ослободи од болестите и тегобите.  
Затоа низ серијалот и преку книшката на неколку страници се сретнуваат и божества, лекари со научен пристап (за тоа време), народна медицина изнедрена од традицијата, надри-лекари и нивни „методи“ на лечење на тегобите на луѓето. Не е изоставен и најромантичниот сегмент од животот –љубовта. Некогаш од неа и за неа треба лек, но како што ни соопштува богот Аполон преку стиховите на Овидиј „за љубовта нема лек“.
Материјал за пишаната форма и за серијалот се делата на старите автори. Овде ќе се сретнеме со „трошки“ од пребогатите трпези на Платон, Аристотел, Симонид од Кеј, Хипократ, Гален, Келс (Целз), Овидиј, Мартијал (Марцијал), Плиниј Постариот…
Низ севкупната содржина провејуваат и мудри мисли на латински јазик, меѓу кои има и некои што Римјаните ги презеле од Хелените и ги превеле на латински јазик. Исто така, во текстовите умерено се вткаени и интерпретирани философски мисли и ставови од познатите филозофи во антиката. Археолошките локалитети во Р. Македонија преку откриените медицински интрументариуми сведочат за високо развиена медицина во антиката на овие простори.