Прекрасниот простор Магаза во срцето на Битола беше претесен за да ги собере битолчани и гостите од странство кои дојдоа да уживаат во исклучителниот концерт на „Венци Благоев квартет“. Изведувачите покажаа одлична енергија на сцена и ја воодушевија публиката која постојано ги поздравуваше со громогласни аплаузи. Со ова битолчани покажаа дека во Битола има публика која добро ја познава џез музиката. Венци Благоев воодушевен од концептот на Битолското културно лето каде што во една вечер има повеќе различни настани, посака ваквиот концепт да го преслика на фестивалите во Бугарија.
„Битола е навистина културен центар. Пред две три години мојот пријател Валери Димчев беше тука на фестивал, тој е тамбурист од Благоевград. Неможев да поверувам дека во еден град може да има летен фестивал со толку многу различни концерти, богата програма. Сега веќе го допрев овој фестивал и видов дека е фестивал како фестивалите во Европа и светот. Многу сум среќен што настапувам тука, затоа што тука секоја зграда е историја, а луѓето тука се народ кој знае да ја прими музиката, изјави Венци Благоев, кој е водечки џез артист во Република Бугарија. Соработувал и настапувал со Ранди Бракер, Ари Роланд, Милчо Левиев, Мартин Џаконовски, Вики Алмасиду и други. Има издадено 12 носачи на звук и е уметнички директор на 4 џез фестивали во Република Бугарија, а во 2010 година ја добива престижната награда Златна Лира, за најдобар џез артист во Република Бугарија.
Синоќешниот настап на Венци Благоев на труба, беше заедно со Сашо Поповски на гитара, Оливер Јосифовски контрабас и Александар Секуловски тапани. Во идниот период веќе се очекуваат нивни заеднички гостувања надвор од Македонија, поточно на фестивали во Бугарија.