БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ „ПРИКАЗНИТЕ ОД ШИРОК СОКАК“

БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ „ПРИКАЗНИТЕ ОД ШИРОК СОКАК“

,,Приказните од Широк сокак“ е документарен филм  посветен на уникатниот битолски амбиент и историските приказни кои се карактеристични само за Битола и за ниту еден друг град во светот. Низ исказите на историчари, арехеолози, етнолози, публицисти..  претставени се културно историските карактеристики по кои Битола е единствена.

Филмот “Приказните од Широк Сокак”, чиј автор е Анета Шијакова, потенцира што е она што Битола ја прави уникатна. Открива како само Битола во својата историја собрала толку голем број конзули и конзулати, иако не е главен град. Само во Битола имало толку голем број цркви по кои според преданијата градот го добил името, а подоцна прераснал во космополитско средиште отворено за сите.
Филмот прикажува и уникатни настани. Така прикажано е дека во Битола пред 90 години бил игран шах со живи фигури односно живи луѓе, што е регистрирано со фотообјективот на Браќата Манаки.
Пренесени се и најновите историски истражувања кои покажуваат дека Битола била фотографски град уште пред Браќата Манаки. Односно уште во 1868 година во Битола имало фотоатеље.  
Филмот открива колку е старо името Битола и кои се првите двајца почесни граѓани на Битола. Претставена е и теоријата дека средновековна Битола се наоѓала во сегашниот центар на градот. Направен е осврт како преку присуството на различни религии Битола добила слика на вистински космополитски град каква што е и денес.
Филмот ја пренесува и приказната за балканските Ромео и Јулија, Елени Каринте и Мустафа Кемал Ататурк, тој муслиман, таа христијанка, и  нивната  голема љубов, предвреме  осудена на пропаст  поради религиските и општествените стеги. Притоа направена е и реконструкција на стилот на Елени која колку што била убава, толку била и дотерана по највисока европска мода.
Преку сите овие историски приказни прикажана е Битола како град со силна традиција и култура кои во вистинска смисла на зборот ја прават европски град.
Филмот е поддржан од општина Битола и градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески во рамките на битолско културно лето “Битфест”.