ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Со многу радост, восхит и израз на голема благодарност, денеска децата со посебни потреби од паралелката при ОУ Ѓорѓи Сугарев ја примија донацијата од градоначалникот на општина Битола. Донацијата за овие деца се состои во 37 комплети тренерки и спортски реквизити, а повод за истата е денешниот меѓународен ден на лицата со инвалидност и посебни образовни потреби. Со ваквите активности, општина Битола продолжува со својата континуирана грижа за овие лица, како и со реализацијата на уште еден проект кој овозможува зголемување на хуманоста кај граѓаните:
„Ова е уште еден проект од програмата на локалната самоуправа предвиден за континуирана реализација во периодот 2013 – 2017 година, а кој опфаќа донирање на спортска опрема и спортски реквизити за младите од социјално загрозени семејства и лицата со посебни потреби. Во ова основно училиште зависно од потребите има пралелки за децата со посебни потреби. Тука донираме 37 комплети тренерки и топки. Оваа топлина и внимание кои децата ги добиваат од возрасните, придонесуваат за разубавување на нивниот живот“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Во постојаната комуникација и планирање на активностите, општина Битола во рамките на својата надлежност постојано инвестира во подобрувањето на инфраструктурните и други услови за учениците од основното училиште Ѓорѓи Сугарев. Преку повеќе активности денес учениците од ова училиште ја изразија својата благодарност до надлежните:
„Во ОУ Ѓорѓи Сугарев се образуваат 37 деца со посебни потреби. Голема благодарност за оваа донација, како и за континуираната грижа која што ја покажува локалната самоуправа за овие деца, изјави Загорка Јовчевска , директор на ОУ Ѓорѓи Сугарев.
Денешното одбележување на 3 Декември Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, продолжи и со Дефиле по Широк Сокак, каде што учениците од основните училишта ги поздравија своите другарчиња од заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и глас Кочо Рацин. Во знак на еднаквост сите деца заедно испуштија балони во различни бои. Манифестацијата се одржува под покровителство на општина Битола, а во соработка со Лајонс клуб Кабадаја од Битола.
„Децата од основните училишта во Битола ги пречекаа своите другарчиња од Заводот Кочо Рацин за кои донираме 54 комплети тренерки. Денот е посветен на лицата со посебни потреби. Нашата грижа е континуирана 365 дена. Но, бидејќи сакавме да предвидиме и повеќе активности за овие лица во нашата програма предвидовме и донации. Убеден сум дека овие проекти кои ги имаме барем во еден дел го разубавуваат животот и на овие лица“, изјави Градоначалникот Талески.
„Нашиот Лајанс клуб Кабадаја петта година по ред го одбележува овој ден 3 декември – Денот на лицата со посебни потреби. Посебна благодарност до градоначалникот на општина Битола кој што ни излезе во пресрет и заеднички ја организиравме оваа манифестација. Овој ден претставува славење на еднаквоста, а не различноста затоа што хендикепот кај луѓето е во начинот на нивно размислување, а не во некој телесен или психички недостаток“, изјави Никола Димитровски, Лајонс клуб Кабадаја.
Со секој настан, активност и внимание овие лица ја воочуваат вистинската и постојана грижа за нив, а на тој начин се придонесува за нивно поголемо интегрирање во општеството.
„Благодарност до градоначалникот што секогаш наоѓа време и простор да не посети нас, воедно да се јави и како донатор на доста работи. Денес имавме голема возбуда од нашите деца заради донацијата која ја добија. Ние како установа имаме зацртано јасна цел што е можно поголема интеграција на овие деца со пошироката средина со цел тие да се социјализираат и да станат независни граѓани на нашата држава и општествено корисни личности“, изјави Илија Насевски, директор на завод за рехабилитација Кочо Рацин.
Работилницата за креативно изразување беше последниот настан во рамките на денешната програма. Средствата кои ќе бидат собрани од изложбата на цртежи отворена во Центарот за култура ќе бидат донирани за потребите на заводот Кочо Рацин.