ВО БИТОЛА ОТВОРЕНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО КАРАТЕ

ВО БИТОЛА ОТВОРЕНО ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ВО КАРАТЕ

Во спортската сала во Гимназијата Јосип Броз Тито во Битола, денес беше отворено државното првенство во карате. Првенството е во организација на општинскиот сојуз на училишен спорт и Федерацијата за училишен спорт, а учесници се 208 ученици од основните и средните училишта во државата. Поддршката на ова првенство е уште една потврда за континуираната поддршка која општина Битола ја дава на училишниот и професионалниот спорт.
„Воодушевен сум од ова што го гледам. Имаме учесници од најмала возраст – прво одделение до четврта година. Државното првенство во карате се одржува благодарение на Федерацијата на училишен спорт и сојузот на спортови на општина Битола. Како општина максимално го поддржуваме училишниот спорт, а последниве неколку години и професионалниот спорт за што реално имаме видливи резултати. Честа и задоволството се навистина големи затоа што ова се одржува токму во Битола. Имаме претставници од најголемиот број општини од Република Македонија. Секое дете настапува во името на своето училиште, имаме судии со високо реноме, така што убеден сум во објективноста. Нека победи најдобриот“, им посака на учесниците градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески на отворањето на државното првенство.
Отворената и добра соработка со општина Битола, е една од причините поради која федерацијата на училишен спорт одлучи првенството да се одржува во Битола – градот кој остава импресии кај сите спортисти.
„Битола е сериозно организирана во сферата на училишниот спорт. Имаме општинска организација во сферата на училишниот спорт – општински сојуз на училишен спорт, училишни спортски клубови во сите основни и средни училишта каде што стратегијата која што е поддржана од Владата преку Агенцијата за млади и спорт и министерството за образование, училишниот спорт е вметнат како стратешки сегмент и се ова што прави државата од аспект на инфраструктура, капитални објекти и во спортскиот систем со изградба на сали, терени, мултифункционални игралишта, а од друга страна и министерството за образование со изградба на училишни спортски сали кои се нешто темелно и вредно во оваа ситуација за да може и посериозно спортскиот систем како целина во државата да го развиваме. Ова што го поставуваме на тема Битола значи дека имаме нешто што е добар пример или добар организациски модел на организирање и урнек за другите општини. Се ова што се вложува во спортот и ова масовно учество на ученици во спортот е огромно национално богатство“, изјави претседателот на федерацијата на училишен спорт Александар Туфекчиевски.
Како резултат на соработката со локалната самоуправа последните седум години училишниот спорт во општина Битола, бележи значителен напредок.