ДЕН НА ИДЕИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

ДЕН НА ИДЕИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Проектот „Ден на идеи“ и оваа година предизвика голем интерес кај граѓаните на општина Битола. За неговата реализација особен интерес покажаа невладини организации, претставници од бизнис секторот, како и голем број граѓани кои ги презентираа своите проекти, предлози и сугестии со цел обезбедување на граѓанско учество во реализацијата на визиите за развој на локалната самоуправа.
Новите идеи кои ги презентираат присутните се разгледуваат од страна на Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески и неговите соработници – раководители на сектори и одделенија и директори на јавните претпријатија.
Најголемиот број предлози се однесуваа на конкретни проекти од областа на економијата, инфрструктурата, спортот, културата, односно областите во кои локалната самоуправа има директна надлежност, а врз чиешто менување и подобрување граѓаните можат да дадат голем придонес.
„Средбите со граѓаните ни се најважни. Сите предлози кои што ги вградивме во програмата – најголемиот дел се нивни предлози. Таквите предлози ги добиваме во електронска форма, преку писма и пораки, во личните контакти кога одиме на терен при изградба на водоводна мрежа, канализација, асфалтирање или изградба на игралишта…Овој ден максимално го посветуваме на нивните идеи. Покрај идеите граѓаните ги изнесуваат и своите проблеми за кои можеби во минатото немале можност да го кажат тој проблем од разни причини, некогаш можеби поради тоа што неможеле да дојдат или пак доставиле писмено барање, а од одговорот се незадоволни. Овој ден често го практикуваме, а со тоа ќе продолжиме и во иднина од две причини: прво, затоа што сакаме да ја задржиме блискоста, а второ, иако програмата е готова, многу работи тековно се менуваат, односно се сугерираат работи на кои никој во изминатиот период можеби не се сетил. Таквите предлози ги собираме, формираме комисии, се собираме со нашите стручни луѓе, ги обработуваме податоците и правиме проекти кои се реализираат на повеќе начини: од страна на општината, во соработка со Владата на Република Македонија или пак бараме начини со финансирање од Европските фондови. Денес имаше една интересна идеја за специјална постројка за преработка на отпадот. Тоа би била една машина која го собира дел од отпадот, го преработува и од тоа прави електрична енергија. Тој проект ќе го разгледаме со директорот на ЈП Комуналец за да видиме дали тоа е реално можно. Иницијаторот не информираше дека станува збор за инвестиција од околу 100 000 евра. Имаше и повеќе други идеи кои навистина беше интересно да се слушнат и да се разгледа можноста за нивна реализација, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Сите предлози се запишуваат и се распоредуваат во одделенијата на општина Битола, со цел реализација на оние идеи за кои што постојат реални можности.