ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ БИТОЛА И КИЕВСКИОТ РЕГИОН

ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ БИТОЛА И КИЕВСКИОТ РЕГИОН

 

Нова економска соработка и нови инвестиции наскоро во Битола. Овојпат, истите се очекува да дојдат од Киевскиот регион во Украина: Денес Градоначалникот на Општина Битола оствари средба со претставник од Украинската амбасада задолжен за економски работи, а за две до три недели се очекува да биде потпишана и спогодбата за соработка:
 
„Дојден сум за да ја финализираме работата со оваа спогодба за трговско економска соработка помеѓу Киевска област и Општина Битола. Киевската област е една од најголемите области во Украина, тоа е територија каде што се наоѓа главниот град на Украина, кој што е силен научен, трговски, економски центар на Украина и мислам дека таква соработка би била добра за двете земји, за Украина и за Македонија. Бидејќи ние сме многу заинтересирани за инвестирање во Македонија, а особено за трговско економска соработка и размена помеѓу нашите бизнисмени и помеѓу нашите народи. Многу слични сме и затоа ја продолжуваме оваа работа, започната пред година и половина. Економијата е најважна сега, затоа што помеѓу нашите земји нема отворени политички прашања. Очекуваме инвестиции и економска соработка, изјави Валериj Кокoт задолжен за економски работи во Амбасадата на Украина во Република Македонија.
 
Новата соработка ќе значи и потврда на досегашните големи резултати кои Општина Битола ги постигна во делот на економскиот развој, а кои особено се однесуваат на Индустриската зона Жабени за која се интересираат се повеќе инвеститори.
 
„Околу една година ние разговараме и сакаме да направиме една релација со стопанствениците од Украина, така што оваа спогодба ќе се однесува на трговско – економскиот дел, научно- техничкиот, културниот дел на соработка, каде што сум убеден заеднички интерес ќе најдат и нашите стопанственици, нашите луѓе од Битола, се разбира со луѓето од Киевскиот регион. Регионот со кој Општина Битола ќе соработува има жители колку Република Македонија, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
 
Претставникот од Украинската амбасада денеска оствари средба и со производители од Битола, со цел веднаш да започне испораката на одредени производи, како и соработката со украинските трговски ланци. Во идниот период Општина Битола очекува динамизирање на веќе воспоставената соработката и со Кременчук од Украина.