ГОЛЕМИ ИНФРАСТРУКТУРНИ АКТИВНОСТИ ВО НАСЕЛБАТА „ЗЛАТЕН РИД“

ГОЛЕМИ ИНФРАСТРУКТУРНИ АКТИВНОСТИ ВО НАСЕЛБАТА „ЗЛАТЕН РИД“

Градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески денес информираше за текот на градежните работи кои претставуваат голем инфраструктурен зафат на просторот на поранешната касарна во која моментно се градат неколку станбени комплекси и други објекти.
 
„Во непосредна близина на градскиот стадион под Тумбе  Кафе ќе изградиме улица која што директно влегува во поранешната стара касарна. Станува збор за инвестиција вредна околу 20 милиони денари со која ќе се изградат две линии долги по 1.200 метри за атмосферска канализација и една линија од 1.600 метри за фекална канализација. На овој потег ќе биде изградена голема транзитна улица со подземни инсталации и други проектни содржини“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
 
Во изминатиот период главните инвестициски погледи на општината беа насочени кон индустриската зона „Жабени“, а во наредниот период локалната самоуправа продолжува со трајни инвестиции во просторот на поранешната касарна, односно населбата „Златен рид“.
 
„Очекувам наскоро сите да видиме едно ново убаво место, еден нов мал град во нашиот град, изјави градоначалникот Талески.
 
Новиот инфраструктурен зафат на просторот од поранешната касарна ќе овозможи растоварување на амтосферската канализација на улицата „Партизанска“ како и решавање на проблемите со враќање на водата при поројни дождови во градот.