Денеска во Индустриската зона „Жабени“ свечено беше отворена фабриката на гигантот во автомобилската индустрија „Кромберг и Шуберт“. Во фабриката веќе работат 836 лица, а до крајот на 2015 година се планираат вкупно 3.500 вработувања, што значително ја надминува првично предвидената бројка.
Сопственикот на групацијата „Кромберг и Шуберт“, Ханс Ото Кромберг истакна дека има големи очекувања од оваа инвестиција која е фокусирана на продуктивност и квалитет и дека истата ќе даде силен стимул на економијата во регионот.
Придобивките од влезот на оваа реномирана компанија која произведува компоненти за БМВ и Мини Морис, веќе се чувствуваат во регионот, а Германија се вбројува во најважните економски партнери на Македонија. Сето ова придонесува за значително подобрување на бизнис климата што е потврдено од реномирани институции.
„Општината инвестираше во инфраструктурата и поврзувањето, а ние како Влада ја направивме електрификацијата, но изградивме и 4,5 км далновод. Компанијата е извозно ориентирана и ќе има свој придонес за македонскиот извоз во Европа и светот. Оваа фабрика во „Жабени“ е 22. индустриски капацитет на „Кромберг и Шуберт“ во светот“, изјави премирот Никола Груевски.
Министерот за странски инвестиции нагласи дека во последните пет години трговскиот биланс со Германија е променет од негативни 90 милиони евра на позитивни 500 милиони евра на годишно ниво со постојан пораст. Политиката на Владата е насочена кон отворање на нови работни места.
Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески информираше дека во индустриската зона Жабени веќе се продадени 48 парцели на 28 деловни субјекти, со што се очекува градба на нови фабрики, за кои веќе се издадени 6 одобренија за градба.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Директорот на Агенцијата за патишта и Градоначалникот на општина Битола свечено го пуштија во употреба и локалниот пат за село Граешница, врска Р 508 до с.Граешница – Кишава во должина од 5800 метри. Проектот е финансиран со средства обезбедени од Програмата за рехабилитација и реконструкција на локалната и регионалната патна мрежа во Република Македонија, во вредност од 24 000 000 денари. Реконструкцијата е особено значајна за сите жители од околните села, а особено за учениците од околните села кои се школуваат во ПУ во с.Кишава.