Во селото Кравари денес започна реконструкцијата на десет улици. Со овој проект ќе бидат преасфалтирани или за прв пат ќе добијат асфалт десет улици. Вредноста на проектот е над 4 000 000 денари, а ќе се асфалтираат улици во должина од над 1 километар.
„Како што направивме во Бистрица, Кукуречани и Цапари и овде по барање на мештаните започнавме со асфалтирање на 10 краци во вкупна должина над 1 километар. Нашите активности не се само на ова место. Веќе работиме и во централното градско подрачје и во многу рурални места. Во финална фаза сме со асфалтирањето на патот Трново – Магарево, на улицата М.Т Живкови, интензивно работиме на Црн Мост, Васко Карангелевски, кружниот тек и на други места. Убеден сум дека оваа градежна сезона ќе биде една од најдобрите откако постои локалната самоуправа, изјави градоначалникот на општина Битола Д-р Владимир Талески.
Жителите на с.Кравари изразија големо задоволство од досегашната соработка со локалната самоуправа, како и од заедничкиот интерес за продолжување на континуитетот на реализација на проекти во интерес на мештаните. Според програмата за работа на локалната самоуправа во периодот 2013 – 2017 наскоро ќе започне изградба на нова детска градинка во селото Кравари, а во соработка со Агенцијата за млади и спорт во ова место ќе биде изградено и повеќенаменско игралиште.
