ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВА ФАБРИКА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ

ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВА ФАБРИКА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ

Во близина на фабриката на германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, денеска во Индустриската зона Жабени беше поставен камен темелник на новата фабрика на грчкиот инвеститор Костас Ницопулос. Станува збор за инвестиција вредна 1 000 000 евра, а доколку дозволат временските услови се очекува изградбата да биде завршена за еден месец. Во првата фаза во фабриката се очекува да се вработат околу 20 тина граѓани.
„Потекнувам од место во близина на Лерин. Фабриката ќе биде за ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци. Првата фабрика ќе биде околу 400 метри квадрати, а понатаму планираме проширување околу 2500 квадрати. На почеток ќе имаме 10 – 20 вработени, а со проширувањето и повеќе. Ќе работиме за пазарот во Грција и Македонија. Со оваа работа се занимаваме од 1974 година. Во Битола се одлучивме да инвестираме затоа што има добри луѓе и многу добри услови“, изјави Костас Ницопулос, инвеститор.
Инфраструктурните проекти во ИЗ Жабени, електрификацијата на зоната, изградбата на пречистителна станица и континуираните заложби на локалната самоуправа и Владата на Република Македонија за економски развој на Битола, во изминатиот период придонесоа 28 инвеститори од земјата и странство да купат парцели во индустриската зона Жабени, а издадени се 8 одобренија за градба. Наскоро, се очекува во зоната да започне изградба и на трета фабрика:
„Денес е историски ден за сите нас. Продолжува да се реализира концептот на локалната самоуправа за индустриската зона Жабени. Само пред неколку дена имавме отворање на фабриката “Кромберг и Шуберт“ која е на 100 метри од ова место и каде што има 836 нововработени наши граѓани. Денеска на наша голема радост, фирмата на Коста – „Виндор“ се проширува во Индустриската зона Жабени. Тој ги знае поволностите на Владата на Република Македонија, поволностите и условите на општина Битола и Коста денеска започнува со градба. Му честитам на Коста и му посакувам успешна работа, како и да вработи голем број наши граѓани. Идниов период, до нова година очекувам да започне изградбата на уште една фабрика, така што циклусот на инвеститори кои што ги имаме во ИЗ Жабени продолжува. Денеска со нас имаме и гостин од Скопје, кој најави на почетокот на 2014 година почеток на нова градба, изјави градоначалникот на општина Битола, Д-р Владимир Талески.