Машката кугларска репрезентација на Македонија освои сребрен медал на Светското првенство кое се одржува во Унгарија. За прв пат во еден машки репрезентативен сениорски состав настапи и битолчанецот Александар Соколовски, кој денеска оствари средба со градоначалникот Талески.
Градоначалникот на Битола на Соколовски му врачи признание за успехот, слика од стара Битола и симоболот на заштитникот на градот Свети Нектариј Битолски.
„Успехот е резултат на луѓе што имаат голема желба, ентузијазам и со љубов го сакаат својот спорт. Ова е доказ дека врвен резултат може да се постигне и во скромни услови за работа. Младиот Александар Соколовски освои светско сребро, а свежи се сеќавањата и за златната олимпијка Оливера Наковска Бикова. Горд сум на врвните спортисти од Битола и ќе продолжиме со нашата реална поддршка за тоа што го прават, изјави градоначалникот Талески.
Александар Соколовски со куглање започна во кугларскиот клуб „Пелистер“, а денес е член во клубот „Макпетрол“ во Скопје.
„Како дете и младинец сум освоил два светски медали, а ова е првото сребро на светско сениорско првенство. Се радувам што сум член на репрезентацијата која прв пат освојува ваков медал и верувам дека наскоро ќе освоиме злато, изјави Соколовски.
