ОПШТИНА БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ

ОПШТИНА БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЗАШТИТНИКОТ НА ГРАДОТ

Општина Битола, шеста година по ред го одбележува Денот на својот заштитник Свети Нектариј Битолски. Активностите во чест на патронот на градот започнаа со денешната средба на градоначалникот со Митрополитот преспанско – пелагониски и администратор австралиско новозеландски г-дин Петар. Како што изминуваат годините, жителите на општина Битола стануваат се поподготвени за достојно чествување на патронот на градот:
„Од година во година се пооргаризано пристапуваме кон овој голем и значаен празник, патронот на Битола, Свети Нектариј Битолски. Нашата должност ни наложува не само нам како на црква туку на сите граѓани на Битола да се погрижиме што е можно поскоро неговиот спомен храм посветен на Свети Нектариј да го изградиме и да му одадеме достојна почит како на светител, заштитник, патрон на градот Битола кој го чува градот од секакви зла, земјотреси и сите опасности кои можат да го демнат еден град“, изјави митрополитот преспанско – пелагониски г. Петар, честитајќи го патрониот празник и повикувајќи ги верниците масовно да го одбележат овој ден пред се, посетувајќи ги богослужбите во црквите.
Свечената академија по повод патронот на градот е вечерва во Народниот театар во Битола со почеток во 18.00 часот, а литургијата ќе се одржи утре во Црквата Свети Великомаченик Димитриј од 8.30 часот. Литијата низ улиците на Битола ќе започне во 10.30 часот.
„Ја користам оваа можност да го честитам Денот на нашиот заштитник Свети Нектариј. Битола е еден привилегиран град кој за заштитник има светец од истото место. Нашата заедничка соработка со МПЦ последниве години вроди со интензивни проекти. Чувството да се има ваков заштитник е навистина многу пријатно, затоа што сите секојдневни активности и проекти кои што ги водиме како општина, навистина со полно срце и душа, максимално отворено и чисто, совесно и чесно ги работиме имајќи предвид дека имаме и дополнителна заштита. Мислам дека духовниот амбиент е многу значаен за да можеме секојдневните обврски убаво и квалитетно да ги завршуваме, а екипите кои што работат да се исполнети со позитивна енергија и сите заедно да правиме добри дела. Го честитам празникот и убеден сум дека оваа заедничка соработка ќе се круниса со уште едно убаво дело – убав храм во центарот на градот Битола за кој постапката е во тек“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.