АКЦИЈАТА МАКЕДОНИЈА БЕЗ ОТПАД 2013 ДЕНЕС НА НП ПЕЛИСТЕР

АКЦИЈАТА МАКЕДОНИЈА БЕЗ ОТПАД 2013 ДЕНЕС НА НП ПЕЛИСТЕР

Со цел развивање на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и развивање на механизми за поддршка на сите засегнати групи за подобро справување со незаконското фрлање на отпадот, Владата на Република Македонија од октомври минатата година продолжува да ја спроведува кампањата „Македонија без отпад“. Денешната акција на НП Пелистер е дел од летната акција на кампањата за чистење на националните паркови во државата како природно и културно наследство од исклучителна вредност:
„Денеска сме тука на Пелистер да ги посетиме децата од општините во кои има т.н загадувачи, а кои ние редовно 10 години ги испраќаме на рехабилитација на Пелистер. Целта е да дојдат на десетдневна рехабилитација според препораките на лекарите. Истите деца ги вклучивме и во акцијата „Македонија без отпад“ која денес ја спроведуваме на НП Пелистер. Денеска е помала акција во која се вклучени НП Пелистер, Општина Битола и невладините организации, а на 6 – ти октомври, акцијата ќе биде проширена во цела Македонија. Пораката е јасна: Ние мора да се грижиме за животната средина, а тоа значи да имаме подобри услови за поздрав живот во Република Македонија, изјави министерот за животна средина Абдулаќим Адеми.
Општина Битола водејќи континуирана грижа за чиста животна средина, редовно спроведува акции за чистење на дивите депонии во градот и околината. Како резултат на ваквото делување, бројот на диви депонии значително е намален, така што од некогашните над 120 депонии, денес бројката се сведува на десетина локации на кои редовно се интервенира:
„Акцијата на Владата е одлична, а општината максимално се вклучува во сите акции. Сведоци сме сите, на оние посебни акции кои ние повеќепати годишно ги правиме на локално ниво, така што онаа троцифрена бројка од диви депонии што ја наследивме во општина Битола, навистина е сведена на минимум. За жал, сеуште имаме несовесни граѓани кои повторно прават т.н диви депонии, но ние со нашите јавни комунални претпријатија, нашите акции, невладините организации и останатите се обидуваме максимално тоа да го средиме. Така е и денеска. Овој дел што се однесува до одржувањето се повеќе се подобрува. Тука ќе бидеме се поефикасни затоа што им помагаме и на јавните комунални претпријатија да се осовременуваат, да користат нови машини, а со програмата која што ја усвојува Советот на Општина Битола, впишуваме се поголем број зелени површини, кои тие имаат обврска да ги одржуваат, а Општина Битола од својот буџет тоа дополнително го финансира. Идниот период во соработка со Владата на Република Македонија и управата на НП Пелистер и сите ние на кои ни значи многу Пелистер ќе се обидеме сите наследени прашања да ги решаваме со добри одговори“, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Во денешната акција на Пелистер, покрај министерството за животна средина, Општина Битола, управата на НП Пелистер, активно се вклучија и локалните здружанија на граѓани, туристички и угостителски работници, извидниците и други субјекти.
Во Република Македонија на 21 и 22 април 2012 година за прв пат беа организирани пилот акции за чистење на отпадот во шест општини, а помасовна акција беше спроведена на 5 октомври 2012 година и тоа во 54 општини, 436 локации при што се собра повеќе од 60 000 м³ цврст отпад.