34 ИФФК БРАЌА МАНАКИ – ИЗДАНИЕ СО МНОГУ СВЕТЛИНИ

34 ИФФК БРАЌА МАНАКИ – ИЗДАНИЕ СО МНОГУ СВЕТЛИНИ

 

Битола седум дена пулсираше во сенките и сјајот на филмот, седум дена бевме осветлени од јарките зраци на седмата уметност.
Рекордни 420 гости секојдневно задоволно доаѓаа и тешко ја напуштаа македонската филмска престолнина, меѓу кои омилениот кинематографер на легендата Алмодовар, Хосе Луис Алкаине, и една од најголемите кинематограферки, Ањес Годар.
Изабел Ипер, покрај набиената програма која не вклучуваше друго освен протокол, реши да прошета на Широк сокак. Уште еднаш се покажа дека само Битола може да биде толку шармантен град-домаќин.
Го имавме сценаристичкото катче на кое дојде српската актерка Мирјана Карановиќ.
Се одржа втората балканска конференција на кинематографери со поддршка на ИМАГО. Најмладите изгледаа 4 филма но креираа и сопствен едноминутен краток филм во стоп-анимација кој беше прикажан на затворањето.
Првпат одржавме 2 разговори „Опуштено со“ кои се прикажаа како вистински хит меѓу публиката.
Двапати имаше свирка во Вип шаторот каде настапи бендот Гавермент.
Беа прикажани 5 премиери, од кои 3 беа светски, 1 регионална, 1 национална.
Премиерата на документрниот филм Барајќи ја среќата на Марија Џиџева ја наполни салата во сосем непопуларен термин, на полноќ.
Беа доделени вкупно 9 награди, од кои дури 7 статуетките на Камера 300.
Годинава првпат во историјата на Фестивалот имавме чест сите тројца добитници во главната селекција да дојдат по наградата во Битола.
И тројцата останаа ден повеќе од предвиденото, за потоа сите заедно да поминат еден ден во градот на браќата Манаки.
50 неуморни волонтерти играа на затворањето на Фестивалот на песна од Владимир Каевски.
Во организација на Фестивалот гостите дадоа над 100 интервјуа.
„Браќа Манаки“ стана веројатно најактрактивниот фестивал и за медиумите, бидејќи дури 198 имиња се најдоа на списокот на барања за акредитации.
Фестивалот го обележаа уште многу други нешта, а секако ќе се памети и изјавата на директорката, Лабина Митевска, велејќи дека планира да се пресели во Битола.
Официјалниот фотограф сними 5.500 фотографии во кои се врамени многу лица и уште повеќе насмевки.
34. издание ќе остане само во паметењето. Но што друго и останува. Сеќавањата ги топлат луѓето. Нешто слично рече и големото име на европскиот и светскиот филм, Изабел Ипер, кога на сцената ја примаше специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во уметноста.
„Многу сум благодарна за наградата, имам примено многу награди, но ниту една не е доделена со толку топлина и наклонетост. Трогната сум, бидејќи без светлината на кинематограферите не може да има филмови.“