ПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ИГРАНО – ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ СО РАБОТЕН НАСЛОВ „ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНЕЦ ОД МАКЕДОНИЈА“

ПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ИГРАНО – ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ СО РАБОТЕН НАСЛОВ „ПОСЛЕДНИОТ МАКЕДОНЕЦ ОД МАКЕДОНИЈА“

 

Денес во Битола почна снимањето на играно-документарниот филм „Последниот Македонец од Македонија“, мотивиран од 100 годишнината на Договорот од Букурешт за што сценарио подготви Александар Кукулев, режисер е Илија Пиперковски, директор на фотографија Дејан Димевски, а продуцент Снежана Лупевска.
Филмот финансиски е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија и Министерството за култура, а поддршка обезбеди и од општина Битола и преспанско-пелагониската епархија чии претставници, градоначалникот Владимир Талески и митрополитот г. Петар денес присуствуваа на првата клапа од снимањето на филмот.
„Она што е наш голем концепт во Битола – Битола филмски град се реализира. Изминативе неколку дена многу динамично се случија некои работи – отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“, новата опрема во Центарот за култура, оваа година обновата на Киното на Браќата Манаки, законот за филм и поволностите што ги дава Владата, стимулацијата за филмските работници, средбата што ја имаа делегација од „Бојана“ со премиерот, нашата заедничка средба: Општина Битола, Бојана, ЕСРА и Министерството за култура, а  се надевам ќе има уште една таква средба, а денеска е последниот ден од 34 издание на ИФФК „Браќа Манаки“, но еве денеска започнува снимање на една многу интересна тема. Јас и честитам на Снежана Лупевска, затоа што ние веќе имавме претходно разговори и стоиме на располагање максимално и во идниот период“, изјави д-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Во филмот ќе бидат прикажани дел од убиствата на македонските војводи и зошто тоа се случило, зошто имало предавства, зошто уништувањата се случувале од внатре и други моменти кои долго биле истражувани.
 „Преку овој филм се навраќаме 100 години наназад во периодот пред донесувањето на Букурешкиот договор, филм во кој нудиме период и детали од македонската историја кои досега не биле експлоатирани, влијанието на грчката црква, колежот во Загоричани, Тиквешкото востание и побуната против српскиот режим, а во документарниот дел ќе биде пренесена судбината и разнебитувањето на македонските семејства кои како резултат на тој Договор сега живеат и се поделени на сите делови на Македонија, изјави продуцентката Снежана Лупевска.