ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА КИНОТО „КОРЗО“ НА БРАЌАТА МАНАКИ

ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА КИНОТО „КОРЗО“ НА БРАЌАТА МАНАКИ

Започна изградбата на Киното „Корзо“ на Браќата Манаки во Битола. На просторот каде што некогаш постоеше Киното на Браќата Манаки, денеска беше поставен камен темелник за негова обнова. Локалната самоуправа во изминатиот период ги заврши сите неопходните подготовки со цел изградбата да започне токму според предвидените рокови во програмата на Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески:

„Кино кое што пред децении е до темел изгорено и уништено, а денеска кога ценевме дека сме најподготвени со финансиски средства и проекти, како и со сите законски обврски, започнуваме со обнова на киното. Обновата ќе биде во две фази, а оваа градежна сезона ќе биде завршена првата фаза, која всушност претставува две третини од целиот проект, вклучувајќи целосна инфраструктура и инсталација, како и предниот дел, односно целата воведна партија во делот кој што ќе претставува сала, односно гледалиште, изјави Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.

Следната градежна сезона ќе биде завршен вториот дел од објектот, односно кино салата која што предвидено е да има 150 седишта:

„Тука ќе има околу две простории кои што ќе бидат музејски простории, каде што ќе бидат поставени две восочни фигури од Браќата Манаки и дел од нивното творештво кое е веќе дигитализирано и ќе биде достапно за сите граѓани, случајни минувачи и вљубеници во филмската уметност, изјави Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.

Комплетната обнова на киното „Манаки“ предвидено е да биде завршена за две градежни сезони, а веднаш потоа ќе започне неговото опремување со најсовремена техничко технолошка опрема за проекција.
Реализацијата на овој проект претставува едно надополнување на веќе востановената традиција со Фестивалот „Браќа Манаки“, како и реализацијата на Проектот „Битола филмски град“ за што голема потврда се повеќето снимени филмови и телевизиски серии, а во битолската касарна веќе е изградена стара чаршија и мал филмски град за кои континуирано се интересираат домашни и странски режисери и продукции.