Општина Битола, го одбележува Денот на заштитникот на градот „Преподобен Свети Нектариј Битолски. Активностите започнаа денес напладне со прием во Кабинетот на Градоначалникот на Митрополитот Преспанско – Пелагониски и Администратор Австралиско – Новозеландски г-дин Петар. Покрај традиционален, средбата имаше и работен карактер:
„Со програмата почнуваме уште од денешниот ден. Ве поканувам сите присутни и нашите граѓани, вечерва од 19 часот во просториите на Народниот театар, каде што ќе биде централната манифестација, а утре сите заедно ќе бидеме во Храмот Свети Великомаченик Димитриј. На денешната средба заедно со нас се и повеќе стручни луѓе кои што се клучни за изградбата на Храмот на нашиот заштитник кој треба да биде изграден во централното подрачје на градот Битола“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, изразувајќи големо верување дека со ваквата обединетост и големата поддршка од граѓаните овој проект наскоро ќе се реализира.
Градоначалникот Талески и Митрополитот Петар испратија честитки до сите граѓани на општина Битола по повод патронот на градот.
„Се наоѓаме во предвечерието на големиот празник на Битола – празникот посветен на патронот на Битола – преподобниот Отец наш Нектариј Битолски за кој во самиот тропар кратката песна што ја содржи на некој начин историјата на животот и делото на Свети Нектариј, се вели дека Битола го воспита него, овој прекрасен горостас на Црквата наша Света православна, а тој духовно тука основите ги стекнал, во градот Битола, затоа и се вели дека Битола го воспита, надградбата духовна ја усовршил на Света Гора, таму се наоѓа и неговото свето тело, неговите свети мошти. Би сакал да ги замолам битолчани како што пред повеќе од пет векови го воспитале Свети Нектариј и многу други светители, така и ние денес да се потрудиме да ги воспитаме генерациите кои ни се дадени на располагање за чии души ќе треба и ние свештенослужителите, но не помалку и сите други православни христијани да покажеме дека во денешно време сме христијани не само по име туку по живот и дела“, изјави г.Петар, Митрополит Преспанско Пелагониски.
Одбележувањето на патронот на градот, Преподобниот Свети Нектариј Битолски продолжува попладнево од 16.00 часот во Црквата Света Богородица каде ќе се одржи вечерната богослужба, а утре во Соборниот Храм Свети Великомаченик Димитриј е божествената литургија. Литијата низ улиците во Битола ќе започне утре во 10.30.
