НОВИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА ПОГОЛЕМА ХИГИЕНА ВО ГРАДОТ

НОВИ КОНТЕЈНЕРИ ЗА ПОГОЛЕМА ХИГИЕНА ВО ГРАДОТ

Општина Битола во соработка со ЈП „Комуналец“-Битола денес ја почна замената и обновата на старите со нови контејнери за собирање на отпадна хартија и отпадна пластика.
 
На денешната средба со новинарите градоначалникот на општина Битола Владимир Талески соопшти дека поставувањето на новите контејнери ќе се врши етапно и од централното градско подрачје кон другите делови на градот.
 
-Станува збор за стандардизирани пластични затворени контејнери. Во моментов се набавени 40 контејнери за градското подрачје и 20 контејнери во битолските училишта, а за кусо време ќе бидат поставени околу 100 контејнери. Паралелно продолжуваме со чистење на дивите депонии и постојано одржување на хигиената и зелените површини во градот, но и обнова на возниот парк и механизацијата на комуналното претпријатие, изјави д-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
 
Според директорот на ЈП „Комуналец“-Битола Зоран Соклевски на подрачјето на општина Битола поставени се околу 1.500 контејнери. Новите пластични контејнери се со стандардизирана форма и боја како насекаде во светот, а паралелно се поставува и друга комунална опрема, корпи и садови кои се во функција на заштитата на животната средина и високо ниво на хигиена во градот и населените места.