ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛА ОД ДЕНЕС СО НАЈСОВРЕМЕНА ТЕХНОЛОГИЈА

ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛА ОД ДЕНЕС СО НАЈСОВРЕМЕНА ТЕХНОЛОГИЈА

 
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска  градоначалникот Владимир Талески, директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Лабина Митевска и директорот на НУ Центар за култура-Битола Борче Димитровски попладнево остварија работна средба, при што информираа за подготовките и деталите во пресрет на вечерашниот почеток на најновото издание на фестивалот на кинематограферите од светот.
 
Министерката Канческа Милевска потврди дека организаторите се подготвени за старт на 34 издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кое годинава ќе се реализира со најсовремена кино опрема и кое почнува со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“.
 
-Тоа што го ветивме – го реализираме, и фестивалот во Битола се здоби со најсовремена дигитална кино опрема која припаѓа на најсовремената технологија. Поддршка за набавката на оваа опрема имавме од градоначалникот Владимир Талески со што се потврди нашата меѓусебна соработка која е од интерес на културната понуда, многуте проекти, како за и уметниците од нашата држава. Вредноста на кино опремата изнесува околу 110.000 евра, најголемиот дел ги издвои министерството и филмскиот фонд кои учествуваат со 51.000 евра, а остатокот го обезбедија Еуримаж и општина Битола, посочи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
 
На средбата со новинарите во овој град, министерката Канческа Милевска потврди дека со новиот Закон за филм, во Република Македонија ќе се зголеми лимитот за поддршка на филмската дејност од 500.000 на 1.000.000 евра со можност за повраток на средствата во висина од 20 насто.
 
Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денес јавно се заблагодари на Министерството за култура за поддршката при набавката на новата кино опрема, како и за одлуката во овој град да градат филмски студија со што продолжува реализацијата на проектот „Битола филмски град“.
 
-Кога се има ваква соработка меѓу министерството и општината тогаш резултатот е видлив. Како што е познато, ние како општина обезбедивме простор во старата касарна и детални урбанистички планови за изградба на филмски студија. Со понудените услови и можностите што ни ги овозможува законот за филм на сите идни инвеститори им обезбедуваме олеснителни околности, односно 20 насто повратни средства од вкупно вложените. На овој начин ќе се зголеми интересот за снимање во Битола од домашни и странски автори или копродукции, истакна градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески.