ОТВОРЕНО 34 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

ОТВОРЕНО 34 ИЗДАНИЕ НА ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

Во преполната сала на Центарот за култура во Битола, вчера вечер се отвори 34. издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. По гламурозниот црвен килим, кој годинава привлече рекорден број новинари и сниматели, директорката на фестивалот Лабина Митевска ја поздрави публиката: „Се потрудивме најубавата светлина од светот да Ви ја донесеме овие седум дена во Битола. Уживајте во неа!“, рече Митевска. Претставувајќи го жирито, пак, Митевска му се обрати и на годинашниот лауреат на Златна камера 300 Хозе Луис Алкаине: „Почитуван Алкаине, не можете да верувате колкаво е моето задоволство што после четиригодишни преговори, вечерва најпосле сте со нас тука во Битола, во Македонија“, рече Митевска
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој истакна дека Битола е македонска филмска престолнина во која се одржува најстариот фестивал на светот што го вреднува авторскиот придонес на директорите на фотографија.
– Овој фестивал се темели на првите македонски и балкански кинематографи, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Расветлувајќи ја нивната сегашност тие ни осветлија дел од нашето минато и ни овозможија да имаме појасна визија за иднината. Низ објективот на легендарната „Камера 300“ тие не дозволија темнината да го проголта нашето културно минато, напротив, ја зачуваа, промовираа и ја афирмираа нашата култура, историја и секојдневие, посочи покровителот на фестивалот во Битола, претседатетелот Иванов.
Според востановената традиција, отворањето беше одбележано со врачување на наградата за животно дело која годинава му припадна на најдобриот шпански кинематограф Хозе Луис Алкаине. Златната „Камера 300“ на Алкаинe му ја врачи претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.