Во прес центарот на ИФФК „Браќа Манаки“ беа промовирани реставрирани и дигитализирани филмови на браќата Јанаки и Милтон Манаки, ДВД издание на Кинотека на Македонија.
Проектот е од национален интерес во областа на културата и е составен дел на програмата на Министерството за култура, проект со кој се демонстрира грижата за богатото аудиовизуелно наследство што го поседува Република Македонија.
„Токму во Битола, во градот во кој браќата Манаки создадоа непобитни фактографски и естетски вредности, во рамките на фестивалот кој ја вреднува естетиката на филмската камера, ги промовираме реставрираните и дигитализирани филмови на Браќата Манаки, кои во голема мера го трасираа патот на балканската филмска историја. Овој проект е резултат на нашите заложби да обезбедиме вистински приод во заштитата на филмското наследство на Република Македонија. Проектот воедно потврдува дека нашата национална институција, Кинотека на Македонија, ги следи и исполнува меѓународните стандарди за заштита и реставрација на националното аудиовизуелно наследство, и е во чекор со светските трендови за презентација на сопствената, национална кинематографија“, изјави министерката Елизабета Канческа Милевска.