Шефот на набљудувачката мисија за избори, Герт – Хенрих Аренс, денеска ја посети општина Битола, каде што оствари средба со Градоначалникот М-р Владимир Талески, а се интересираше за работата на локалната самоуправа во пресрет на денот на изборите. Градоначалникот на Општина Битола кој што е и кандадат за градоначалник ја изрази својата увереност во големиот демократски капацитет на општина Битола кој што очекува да резултира со изборен циклус на највисоко ниво, а за што секако придонесува и локалната самоуправа.
„Опозицијата и позицијата имаат одлични услови да ги претстават своите проекти и кандидати и повикувам на масовно гласање на 24 ти март во нашата општина, изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.
Амбасадорот Аренс информираше дека во изминатиот период остварил средба со кандидатите за градоначалник од локалната власт и опозицијата, како и бројни средби со владини функционери. За утре најавена е средба на амбасадорот со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
„Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР по 13 пат набљудува избори и затоа во рамките на овие избори се состануваме со сите кандидати вклучени во изборите. Според нашиот мандат ние сме целосно неутрални и не поддржуваме ниту една страна. Нас не не интересираат резултатите од овие избори, но важно е резултатите од изборите да бидат остварени на демократски начин. Кон крајот на оваа недела на интернет ќе го објавиме првиот преоден извештај кој ќе биде достапен на македонски јазик, изјави Герт Хенрих Аренс, шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР во Битола ќе има четири до шест тимови.