ИНВЕСТИЦИИ ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОУ КОЛЕ КАНИНСКИ – БИТОЛА

ИНВЕСТИЦИИ ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОУ КОЛЕ КАНИНСКИ – БИТОЛА

За поголема безбедност на учениците од ОУ Коле Канински како учесници во сообраќајот, реализирани се два проекти од голема важност. Со средства на Министерството за образование поставена е ограда околу училиштето, а Општина Битола изврши партерно уредување на пешачката патека која води до училишната зграда. Со доаѓањето на пролетта, просторот хортикултурно ќе биде уреден.
„Дојдовме на самото место да се увериме до каде се активностите кои што си ги презедовме како обврска. Вие знаете дека ова основно училиште е многу значајно за нас и презедовме обврска покрај тоа што пред неколку години ја пробивме улицата Железничка која што навистина е голем придонес за сите наши граѓани, затоа што на некој начин го релаксиравме сообраќајот во централното градско подрачје, така што оние возачи кои што немаат потреба да возат низ центарот на градот оваа улица максимално ја користат и многу помага за сменското работење во РЕК Битола. Но, тука си презедовме обврска затоа што навистина беше небезбедно движењето на децата, родителите и наставниците, поради што Општината си презеде обврска да ја направи и пешачката патека, така што денеска гледате таа е во завршна фаза, таа е готова. Се работи за должина нешто помалку од 1 километар со вредност околу 1 милион денари, а исто така е завршена и обврската која што ја договоривме со Министерството за образование, односно на училиштето му недостасуваше една ограда која што како што гледате веќе е поставена, мислам дека и тоа е една голема придобивка, се разбира кога ги имаме предвид и оние неколку интервенции кои што му беа потребни на самиот објект на училиштето“, изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.
Во ОУ Коле Канински извршена е и промена на дограмата, санирани се котлите за парно греење, а училиштето со повеќе нови проекти веќе аплицираше до УСАИД, Министерство за образование и Општина Битола. Следен главен приоритет за ова училиште е бојадисување на училишната зграда и реконструкција на спортската сала, со што уште повеќе ќе се зголеми квалитетот на воспитно образовниот процес во ОУ Коле Канински.