ПРЕКУ РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО ДО ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ ВО РЕГИОНОТ

ПРЕКУ РАЗВОЈ НА ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО ДО ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ ВО РЕГИОНОТ

Поттик за размислување, анализа на сопствените желби, интереси, стручност и оспособување на граѓаните за искористување на расположливите ресурси кои се нудат во нашата држава како стимулација и поддршка за развој на бизнис идеја, се само дел од аспектите на кои беше ставен посебен акцент на денешната трибина за претприемништво во организација на Бизнис старт ап центарот и општина Битола. Ваквите трибини имаат за цел поттикнување на преприемаштвото и претприемачкото размислување како еден од двигателите на економскиот развој на регионот.
„Фондацијата Бизнис стартап центар од Битола ја продолжува соработката со општина Битола во насока на поддржување на претприемништвото и замислата ни е преку канење на институции кои што имаат што да понудат за претприемачите, како и различни проекти и програми кои постојат во Пелагонискиот регион за поддршка на претприемништвото, да им овозможиме на потенцијалните целни групи да слушнат што е се постоечко во регионот за да се помогне во развојот на нивниот бизнис“, изјави Розита Талевска Христовска, раководител на БСЦ Битола.
Последните податоци на Бизнис стартап центарот говорат дека како резултат на соработката со локалната самоуправа, успешно се намалува процентот на невработени во овој регион. Интересот за сопствени бизниси кај младите е се поголем, а БСЦ им дава насоки и поддршка како успешно да ги реализираат своите бизнис идеи. Преку конкретни примери денес беа презентирани и неколку бизнис идеи кои овозможија успешни бизниси на многу млади луѓе:
„БСЦ ни помогна со изработката на бизнис план, а со победата на нивниот бизнис план натпревар добивме финансирање на регистрацијата на фирмата. Работиме веќе две години, во БСЦ организиравме повеќе обуки и секогаш се тука кога и да ни требаат“, Петар Котевски, претставник на Ка-мај Медиа.
На денешната трибина низ повеќе презентации беа истакнати можностите за младите кои се создаваат преку развивање на претприемничката иницијатива. Организацијата и реализацијата на вакви трибини е дел од програмата на градоначалникот на општина Битола, кој ја отвори денешната трибина, посакувајќи што повеќе млади луѓе да станат претприемачи:
„Во програмата со која што се понудивме на локалните избори ставивме поттикнување на свеста кај младите за претприемништво. Во таа насока е и денешната трибина. Бизнис стартап центарот помага на многу млади луѓе кои што во првата фаза се неупатени и незнаат како да стигнат до сопствената цел. Со БСЦ се откриваат талентите, стручноста, способноста, а се овозможуваат и контакти. Петар Котевски е еден од најдобрите примери кој што со помош на БСЦ стигна и до апликации, а неговиот проект (бизнис идеја) беше награден и од Владата на Република Македонија. Продолжуваме и понатаму со создавање услови, затоа што нашата крајна цел од целата оваа организација и контактите со сите чинители е да ја намалиме невработеноста во регионот. Тоа и го постигнуваме. Со создавањето на условите кои што ги даде Владата на Република Македонија и дополнително нашите услови како општина ги охрабруваме инвеститорите токму тука да инвестираат. Не секогаш се работи за големи компании и големи бизниси, како што е примерот со Кромберг и Шуберт кој што е, веројатно еден од најголемите во регионот. Овде се работи за мали и средни бизниси каде што луѓето може да креираат свои бизниси и да вработуваат наши граѓани“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола.
Со свои презентации на денешната трибина се претставија  Јешим Сефуловска, директор на Агенција за вработување-Битола, Никола Димковски, претставник на Регионална Стопанска Комора, Тони Соклевски, претставник на Бизнис Академија Смилевски, Билјана Дамевска, претставник на ЦЕЕД Македонија и  БСЦ – Битола, претставник од центарот и споделување  на искуство на поддржана компанија.