КОНЗУЛИТЕ ОД ПОЧЕСНИТЕ КОНЗУЛАРНИ ПРЕТСТАВНИШТВА НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ

КОНЗУЛИТЕ ОД ПОЧЕСНИТЕ КОНЗУЛАРНИ ПРЕТСТАВНИШТВА НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ

Дел од почесните конзули од конзуларните претставништва во општина Битола денеска го посетија Градоначалникот м-р Владимир Талески. Со искрени честитки за третиот мандат, почесните конзули на Хрватска, Црна Гора, Унгарија и Руската федерација, ја нагласија досегашната соработка со градоначалникот за која веруваат дека во идниот период ќе се интензивира:

„Соработката со сите почесни конзули е на едно завидно ниво на што сите градови можат да ни позавидат. Ние сме конзулски град, но без помошта на градоначалникот сите проекти, успеси во досегашниот период немаше да можеме да ги оствариме. Нашите честитки се искрени и се надевам сите во својот домен, преку своите земји ќе допринесеме за неговиот трет мандат да биде запаметен во историјата на Битола, изјави почесниот конзул Даринка Крстановска.

Покрај соработката во областа на културата и уметноста, новоотворените конзуларни претставништва веќе најавија и нови инвестиции во Битола кои ќе дојдат од земјите кои што ги претставуваат:

„Очекувам дека до крајот на месецот ќе се побратими Битола со еден град во Унгарија и дека бизнисмени на 13 ти и 14 ти мај ќе дојдат во индустриската зона Жабени и најверојатно ќе инвестираат во нова фабрика за делови за автоиндустријата. Станува збор за фирма со 540 вработени, изјави Сашо Јанакиевски.

Новиот концепт кој се однесува на идната соработка на конзуларните претставништва со општината е насочен токму кон поинтензивен развој на економијата.

„Чест ми е што денеска имам ваква делегација. Искрено благодарам за поддршката и соработката која ја имавме и досега и беше на високо ниво. Се надевам дека така ќе продолжиме и понатаму. Веќе направивме некаков концепт кој што мислам дека е многу прецизен и значи дека најмногу ќе се вложиме во стопанството и економијата“, изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.

Во Битола во најскоро време се очекува отворање на уште два нови почесни конзулати.