Второ дополнето и изменето издание на туристичкиот водич за Битола

Второ дополнето и изменето издание на туристичкиот водич за Битола

 

Првото издание на туристичкиот водич за Битола беше промовирано на 15 Декември 2010 г. Оваа модерно дизајнирана публикација, беше дистрибуирана до сите хотелиери, туроператори,  туристички агенции и презентирана на меѓународни саеми, со цел на поголема туристичка промоција на Битола.
Со својот изглед и функционалност, водичот претставуваше одлично решение, кое денес продолжува да постои, преку второто дополнето и изменето издание.
Туристичкиот водич е на англиски јазик и содржи ажурирани информации за најзначајните знаменитости во градот и околината, угостителските капацитети, како и за културно забавните содржини во градот.
Врз основа на искуствата од првото издание, добрите работи се задржани и унапредени, недостатоците елиминирани, а информациите околу туристичките капацитети на градот се ажурирани.
Издавач на туристичкиот водич е м-р Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола, уредник – Ирена Ружин, текст – Елена Петровска, дизајн – Парговски Јове, фотографии: Фил Лампрон, Наце Попов, Јове Парговски, Хотел Молика, Живко Најдовски, Сашо Ристевски, превод – Јасмина Искова, печати – Графопром Битола.
Градоначалникот Талески со посебно задоволство потсети на сите награди кои во изминатиот период ги доби Општина Битола:
„Имаме повеќе содржини, вака дополнето второто издание ги има опфатено сите сегменти кои што за нас значат услови важни за развој на туризмот. Првото издание во изминатиот период ни заврши голема работа. Битола во изминатиот период се најде на неколку престижни места како Лугано, Швајцарија, Верона,Италија, имавме можност да бидеме наградени од БАХА, така што ценам дека и овој водич кој што го имаме пред нас е дел од големата документација, која што ја презентираме на нашите штандови и пред стручните комисии, кои што одредуваат дали оваа општина знае да го цени своето културно наследство, дали културните содржини знае да ги стави во функција на туризмот или пак едноставно тоа е нешто што ќе остане заборавено. Нашето внимание кон ова ни донесе резултати, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
Промотор на второто изменето и дополнето издание е Лела Крстевска, претседател на Стопанската комора за туризам на Република Македонија.
„Битола, град на културата, Битола, град на фестивалите, филмовите, овојпат Битола е пример како се прави туристичка дестинација, односно како еден туристички производ работи во функција на продавањето на она што Битола го има. Овој водич ќе биде добар за оние кои што сакаат да ја посетат Битола, но она што јас го гледам е добар мотив и иницирање на едно убаво патување за оние кои никогаш не ја посетиле Битола. Водичот е исклучително богат со содржини и кратки информации од сите области. Овој водич ќе придонесе за уште поголем број на туристи, изјави Крстевска на денешната промоција.