Во организација на НУ Завод и музеј, ЗГ Веритас и општина Битола, денес во Битола се одржа трибина на тема „Стратешки цели за одржлив туристички развој. На трибината беше ставен акцент на стратешките цели кои произлегуваат од стратегијата за развојот на туризмот во Битола која што произлегува од макотрпна работа, долгогодишно истражување и стручен тим кој што ги дава насоките во кои што треба да се движи градот особено во стратешките цели кои предвидуваат гаранција на квалитет на услуги, подобрување на туристичката инфраструктура, креирање на нови туристички производи, менаџмент и координација и поддршка на нови туристички производи.
„Од стручен аспект, Битола ја посочуваме како еден од позитивните примери за развој на туризмот во Македонија и со сигурност може да се рече дека тоа е општина со најбрз развој на туризмот на ниво на РМ. Тоа е резултат на исправна политика и долгорочна работа во рамките на општината и градот во целина. Се работи пред се во развој на културниот туризам, како еден специфичен вид на туризам кој што се класифицира како туризам со високи потреби и високи стандарди. Битола успеала тоа да го оствари. Одржливоста ја гледам да се продолжи и понатаму на еден подолгорочен план и да се наоѓаат нови форми со кои што Битола би била атрактивна во Македонија и на пошироките простори на Балканот и понатаму. Наградите на кои што сите се гордееме и се радуваме се само доказ дека сме на вистинскиот пат, истакна Проф. Д-р Сашо Коруновски, декан на ФТУ – Охрид.
Како резултат на стратегијата за развој на туризмот, Општина Битола континуирано бележи се повисоки резултати
„Тука вклучуваме повеќе аспекти и се разбира број еден ни е исклучителното културно историско наследство кое што го имаме, но и културните содржини кои што во Општина Битола се случуваат 365 дена Благодарение на одличната соработка со националните институции, како што се театарот, музејот, Центарот за култура, библиотеката и сите стручни луѓе кои што секој во свој домен дава придонес ние имаме и едно од најубавите културни лета во нашиот град БИТ ФЕСТ кој минатата години имаше 170 културни содржини и е најдолгото и најсодржајно културно лето, го имаме ИФФК Браќа Манаки, Интерфест и многу други содржини. Одлично се претставуваме и на интернационалните саеми и фестивали каде Битола го потврдува својот квалитет со големиот број награди и признанија добиени во минатиот период. Општина Битола нас не задолжува со целата историја и културно наследство да бидеме внимателни кон сите содржини кои што се внесуваат во сферата на културата. Со текот на времето се појавија нови потреби во општината, така што општината донесе неколку детални урбанистички планови кои што ќе ги зголемат хотелските, сместувачките капацитети. Веќе имаме од 5 те маркици, 4 продадено за нови инвеститори кои што ќе градат хотели во нашата општина. Во делот на Ниже Поле имаме нов ДУП кој предвидува 9 маркици за 9 нови хотели. На тој начин убеден сум дека создаваме услови за максимален развој на туризмот, културниот туризам, затоа што Битола има исклучително културно наследство и содржини кои што се едни од најдобрите на Балканот, истакна Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
Процентот на туристи кои ја посетуваат Битола, од година во година се зголемува. Според податоците кои ги изнесе М-р Ирена Ружин, програмски директор во НУ Завод и музеј, а се однесуваат на информацијата добиена од државниот завод за статистика, на ниво на РМ бројот на ноќевања се зголемил во минатата година за околу 5%, бројот на ноќевања на домашни туристи на ниво на Македонија во текот на целата 2012 е за 3% помал од минатата година, додека Битола бележи фасцинантни резултати кои што броејќи од 2008, 2009 та секоја година бележи покачување на бројот на ноќевања од околу 20%. Во 2012 во споредба со 2009 та година забележан е пораст од 100%, истакна Ружин на денешната трибина во Битола.