Академијата за боречки вештини “ЗА-НЕД-ДО” – Битола (Кунг Фу Клуб “Битола” – Битола) – Република Македонија – ТFS – ESD *(Top Fighting System – Effective Self Defence) – македонска боречка вештина на Светските првенства во организација на: Светската федерација WPKA *(World Pan Amateur Kick Boxing Association) и Светската федерација WKA Professional *(World Kick Boxing Association) како и ISDO *(International Self Defence Organization) кои се одржаа во Атина – Република Грција [26-ти Мај – 2-ри Јуни – 2013-та година] со својот скромно мал но успешен селекционен тим од четири натпреварувачи во седум категории освоија четири светски шампионски медали, еден светски вице шампионски и два бронзени медали.
Воедно на годишниот состанок на Светската асоцијација на тренери за боречки вештини – WTA на мајсторот Златко Неделковски му беше доделен Сертификат за големи достигнувања во областа на боречките вештини и официјално беше признаена неговата – прва и уникатна – целосно Македонска боречка вештина ТFS – ESD *(Top Fighting System – Effective Self Defence).
За време на натпреварувачките денови во чест на четирите светски шампиони на Светските првенства во Атина – Република Грција четири пати беше интонирана Македонската химна и подигнато Македонското знаме – проследено со пеење и многу емоции.
Пречекот на граничниот премин на Македонско – Грчката граница во организација на самата академија – симпатизери и активни членови помина во еуфорична атмосфера со многу солзи и особена гордост на мајсторот Златко Неделковски и тренерот Дијана Неделковска.
Денес, Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески, организираше прием за шампионите кои ја промовираа Македонија и Битола на светското првенство во Грција. Градоначалникот Талески на гостите им подари икона со „Свети Нектариј Битолски“ посакувајќи им големи резултати во идниот период:
„Шампионите ни донесоа голема радост. Им посакувам се најубаво. Им ја честитам големата победа, затоа што овие наши големи јунаци ни донесоа 7 медали во Битола. Тоа е голема афирмација за Република Македонија, за Битола, но и нивна лична афирмација, затоа што вака подготвени луѓе, ретко се наоѓаат. Гордост е за сите нас затоа што овие млади луѓе македонското знаме го вееа 4 пати за 4 златни медали. Ова е голема работа и затоа денес ги повикав за да им го дадеме и ние нашето признание, изјави Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.
Добитници на медалите на натпреварот во кој учествуваа претставници од 50 земји од светот со над 500 учесници се: Дијана Неделковска – добитник на златен медал и светски шампион во екстремна самоодбрана, Маја Кузманова – Eкстремна самоодбрана – јуниори – златен медал –
Светски шампион и Кик Бокс – јуниор, Андреј Иванов – Музички форми со оружје – златен медал, Јован Марушевски Музички форми со оружје – сребрен медал и бронзен медал – трето место и Андреј Иванов Кик Бокс – јуниор -70 кг.– бронзен медал – трето место. Оваа екипа достојно ја промовираше Битола во Грција:
„Ова е тимот кој што овозможи Република Македонија и градот Битола да бидат претставени на светското првенство во Република Грција во кик бокс. Резултатите се повеќе од очекуваните. Ние сакавме само да ја претставиме државата, ништо повеќе, меѓутоа велат дека „Храбрите ги прати среќа“, исто и нас, но и знаењето на кое што работевме макотрпно цела година. Само морам да напоменам дека денеска немаше да бидеме овде без поддршката од Градоначалникот Талески, кој што секогаш е подготвен да ги слушне сите наши проблеми и да ни излезе во пресрет, изјави Златко Неделковски.