Денес во дворот на клиничката болница во Битола започна реализацијата на новиот инфраструктурно-комунален проект со кој преку ископување на артерски бунари ќе се овозможи заштеда на вода за наводнување на зелените површини – односно нивно наводнување со технолошка вода, заштеда на вода за пиење, а пред се заштита од подземните води кои честопати создаваа проблеми во визбените простории на болницата. Проектот е дел од програмата на Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески, а истиот се реализира во соработка на јавното претпријатие Комуналец, Клиничка болница – Битола и Општина Битола
„Одличната соработка со Клиничка болница-Битола овој пат ја остваруваме со инфраструктурно-комунален проект кој ќе го реализира ЈП „Комуналец“. Според проектот, во дворот на Клиничката болница во прва фаза ќе бидат ископани два бунари со чија вода ќе се врши наводнување на зелените површини, а со зафаќањето на водите ќе се санира проблемот со подземните води што се јавуваат во визбите на болницата“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.
Инвестицијата е во вредност од 7.000 евра, а бунарите ќе бидат ископани на длабочина од 70 метри. Во следната фаза ќе следува инсталирање на соодветна опрема со која ќе се врши целосно наводнување и одржување на зелените површни во Клиничка болница-Битола.
„Со договорот за соработка нашето комунално претпријатие презема обврска за целосно одржување на јавната чистота, односно одржување, чистење и миење на сите пешачки патеки и коловози во дворот на клиничката болница, како и други комунални услуги“, изјави Зоран Соклевски, директор на ЈП „Комуналец“.
Градоначалникот Талески и директорот на Клиничката болница, денес го посетија и местото каде што во напредна фаза се активностите за изградба на бункер за новиот акцелератор во клиничката болница – Битола.