ВО БИТОЛА ФОРМИРАН ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ

ВО БИТОЛА ФОРМИРАН ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКО – СОЦИЈАЛЕН СОВЕТ

Општина Битола основа локален економско – социјален совет, со поддршка од проектот на УСАИД наречен Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување. Советот ќе служи како советодавно тело на општината за прашања како што се вработувањето на младите и врската помеѓу потребите на пазарот на трудот како што ги дефинираат работодавачите и вештините кои што младите во Македонија ги имаат развиено во текот на нивното формално образование:
„Нашата цел е да им помогнеме на младите да се здобијат со вештини коишто ќе ги направат поконкурентни на постојниот пазар на трудот. Една од првите активности на Советот е да го искористи локалното знаење на неговите членови за да открие какви работници ќе им требаат на локалните работодавачи и какви вештини и способности треба тие работници да имаат. Потоа ќе состави план со кој ќе им се овозможи на работниците да ги стекнат тие вештини, изјави Роберт Вурц, директор на мисијата на УСАИД.
Градоначалникот Талески ја нагласи важноста на економско – социјалниот совет, потсетувајќи на периодот пред почетокот на раководењето на локална самоуправа, во кој сите чинители на сегашниот социо-економски совет, функционираа засебно, односно беа препуштени сами на себе:
„Мислам дека ваквата координација, создавањето на локалниот економско социјален совет е многу важна – значајна работа, затоа сум благодарен на синдикатите, организацијата на работодавачи и УСАИД кои што навистина многу ни помагаат. Направивме еден многу интересен концепт и денеска ја потпишавме согласноста и сега следува една фаза каде што сите важни сегменти кои што треба да помогнат за решавање на најгорливиот проблем во Република Македонија, па и во Битола, а тоа е невработеноста се согласивме вистински максимално да ги погледнеме сите потенцијали, сите капацитети, сите ресурси да ги ставиме во функција. Ќе направиме стручни анализи кои што ќе покажат каков потенцијал имаме и како може тоа да го решаваме. Крајната цел е : вработување на што поголем број млади луѓе, изјави градоначалникот на општина Битола, М-р Владимир Талески.
Советот се очекува да работи динамично и да даде високи резултати за краток период:
„Формирањето на локалниот економски социјален совет во Битола според мене и според ССМ е историски чин од повеќе аспекти: не само што ова е прв совет во нашата кампања за формирање на вакви совети низ локалните самоуправи, туку пред се заради тоа што за разлика од другите совети овој совет во Битола ќе биде и со значителни проширени субјекти. Покрај социјалните партнери имаме значајно вклучување на НВО, занаетчиски комори, стопанственици, што поставува една силна позиција во делот на креирањео на новите работни места пред се за младата популација, но и за реализирање на анализата на пазарот на трудот помеѓу јавниот и приватниот сектор и она што го нуди формалното и неформалното образование. Преку сплет на сите тие активности мислам дека ќе обезбедиме една многу позначајна, многу поспецифична позиција на овој совет во Битола кој навистина ќе искреира такви работни места кои што сметаме дека ќе постигнат во делот на задоволување на потребите на локалната заедница“, изјави Живко Митревски, Претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Економско – социјалниот совет е од голема важност за основањето и одржувањето на јавно – приватниот дијалог помеѓу сите засеганти страни од заедницата кои се заинтересирани за прашања како локална економска активност и вработување на младите:
„Битола се вбројува во општините кои што ја препознаа потребата од локално социјален економски совет, каде што пред се зборуваме за меѓусебни партнерски односи помеѓу синдикатите и организацијата на работодавачите во општината, а од овој совет очекуваме резултати кои што ќе вродат плод во однос на начини, стратегии и акциони планови во однос на вработеноста. Во делот кој што ние го застапуваме – образованието тоа значи дека ќе се изнајдат начини за да се поттикне и стручната соработка и кариерните центри кои што во поддршка со УСАИД ќе можеме да ги развиваме, изјави Мирјана Андреска, Претседател на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија.
Освен претставниците на општината, членовите на ЛЕСС ќе вклучат претставници на работодавачите, работниците, агенциите за вработување, образовниот сектор, како и граѓанското општество. Проектот за формирање на економско – социјален совет е дел од програмата на градоначалникот на Општина Битола за развој на локалната самоуправа во пе
риодот 2013 -2017 година.