„ТАНЕЦ“ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

„ТАНЕЦ“ НА ЗАТВОРАЊЕТО НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

Со исклучителниот концерт на Ансамблот на народни игри и песни на Македонија „Танец“ од Скопје се затвори 43. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола. Во неповторливиот простор на античкиот локалитет Хераклеа 3000 битолчани и гости од страна, меѓу кои најмногу од прекуокеанските земји громогласно ракоплескаа поздравувајќи ги изведувачите. Покрај „Танец“ на финалната фестивалска вечер настапија и Ансамбал „Слезание“ Дзиерзониов, Полска, Фолклорната група „Туфем“ Анкара, Турција, Фолклорниот ансамбал „Ерусалим “ од Израел и ГЕМП танцовата школа Крисиумал од Бразил. Во рамките на свеченото затворање беа доделени награди и признанија за најуспешните. Наградите ги додели Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.

Со одлука на стручното жири во состав Блаже Палчевски-етонолог, Тофе Дракулевски-фолклорист и кореограф, д-р Родна Величковска етномузиколог, д-р Александар Димитријевски етномузколог и Кирил Стојчевски-етномузиколог, за најуспешни фолклорни групи, културно уметнички друштва, ансамбли и поединци на 43-от Републички фестивал на народни песни и игри „Илиденски денови“ прогласени се:

КУД „Илинден“ од Битола – за најуспешна група која презентира изворен фолклор

Градски хор од Штип – за најуспешна група што презентира староградски фолклор

КУД „Велигденски цветови“ од с.Јаргулица, Радовиш – за најуспешна група што презентира детски фолклор

КУД „Дримкол“ од Вевчани – за најуспешна група која презентира новопоставен обработен фолклор

Фолклорен ансамбл „Китка“ од Истибања – за најуспешен изворен оркестар

Ансамбл „Иљо Антески-Смок“ од Тетово – за најуспешна и најкомплетна изворна носија, како и за најуспешна вокална изведба на женското вокално дуо

Драго Лазаревски од КУД „Вера Јоциќ“-Македонска Каменица е прогласен за најуспешен автор што подготвил сценска презентација на изворна фолклорна содржина.