ПРЕЗЕНТИРАНИ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ ЗОО ИНОВАТИВА

ПРЕЗЕНТИРАНИ ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ ЗОО ИНОВАТИВА

Центарот за развој на Пелагонискиот регион како добитник на грантот од втората компонента на ИПА инструментот денес ги презентираше градежните работи дел од проектот „Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин – ЗОО Иноватива. Партнери на проектот се Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион – Битола, Агенција за развој „АНФЛО“ – Лерин, Општина Битола, Општина Лерин, Зоолошката градина Битола. Од вкупно 700 000 евра за македонската страна над 400 000 евра директно се инвестираат во изградба на нови живеалишта во зоолошката градина со што после завршувањето на градежната сезона зоолошката градина ќе добие нова фарма – живеалиште кое што претходно го немаше, живеалиште за лисица и ракун, живеалишта за лав и тигар, мајмунара, нов влез, нова билетара и живеалишта за мечка и рис.
„Задоволство ми е да ја поздравам реализацијата на овој проект кој што е од посебно значење за градот Битола, како и за овој регион. Министерството за локална самоуправа како имплементатор на ИПА програмата за прекугранична соработка дава посебна поддршка на проектот за зоолошката градина за којшто се издвоени околу 700 000 евра. Зоолошката градина е еден од првите објекти кои што беа префрлени на општина Битола и гледаме дека за многу кратко време ќе добие еден модерен и добар изглед со кој што ќе привлекуваат голем број на посетители“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, заменик министер за локална самоуправа.
Главна цел на проектот е да придонесе во подобрување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/Лерин преку креирање и менаџмент на иновативни производи и услуги со цел подигање на општата свест во прекуграничниот регион, за важноста во учеството на заштитата и унапредувањето на животните ресурси.
„Оваа соработка верувам ќе продолжи со големи успеси и во Лерин и во Битола, а секако и во цела Пелагонија“, изјави заменик градоначалникот на Лерин, Аристидис Аритиду.
Со овој проект во зоолошката градина во тек е изградбата на модерна инфраструктура во зоолошката градина според ЕАЗА стандарди.
„Сега се реализира проектот кој што долго го очекувавме. Со децентрализацијата зоолошката градина беше префрлена на општина Битола, а притоа беше без водоводна, канализациона мрежа или било каква документација, така што моравме да почнеме од нула. Но, благодарност до министерството за локална самоуправа, соседниот Лерин, ЦРППР, грчкиот конзулат и сите колеги од Советот на Пелагонискиот плански регион со кои што ставивме акцент на овој проект од регионално значење. Се работи за проект во вредност од околу 1 200 000 евра кој е поделен на двете страни: 700 000евра во Битола и 500 000 евра во Лерин. Оваа градежна сезона овој проект очекуваме целосно да го завршиме и во Битола и во Лерин. Но, во Битола продолжуваме со уредување на зоолошката градина со изнаоѓање на нови начини. Со овој проект опфатени се 8 живеалишта, а деветтото е живеалиштето за нилскиот коњ коешто го градиме според друга програма и оваа сезона ќе го завршиме. Многу е значајно ова што го правиме, затоа што го правиме со нашите соседи. Овој проект е еден одличен пример за добрата соработка на повеќе екипи“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Покрај инфраструктурното подобрување на условите во зоолошкта градина со овој проект ќе се зголемат и едукативните активности преку имплементирање на едукативни програми, како и зголемување на свеста за заштита на природните ресурси во прекуграничниот регион преку широка, иновативна, дигитална и медиумска кампања.