Во музејот на албанската азбука во Битола со посебна свеченост беше одбележана 104 годишнината од создавањето на албанското писмо. На свеченоста присустваа вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, Градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески, раководители на повеќе институции во Битола и други гости.
На оваа свеченост беше промовиран и ентериерно реконструираниот дел на музејот во кој е поставена нова музејска поставка со 56 фотографии и преку 230 документи во хартиена и дигитална форма. Реконструкцијата на музејот е извршена со поддршка на Владата на Република Македонија, а министерката за култура во своето обраќање нагласи дека станува збор за навистина значаен проект кој е одраз на заедништвото на народите кои живеат и се развиваат на оваа почва и кои заеднички се движат кон единствената европска и просперитетна иднина.
Во рамките на новата музејска поставка во музејот на албанската азбука во Битола, изложени се фотографии на албанските дејци кои придонесле за создавањето на албанската азбука, како Пол Енџели, Пјетер Богдани и папата Клемент 11-ти Албани, фотографии од семејствата Фрашери и Киријази, како и фотографии од сите делегати-учесници на Битолскиот конгрес за создавање на албанската азбука.
Битолскиот градоначалник во своето обраќање истакна дека Битола отсекогаш била мултинационален град за што говори и фактот на 13 конзулати во Битола, а одбележувањето на овој ден е уште една потврда на обединување.