Фестивал на аматерскиот филм „Камера 300“

Фестивал на аматерскиот филм „Камера 300“

ГРАН-ПРИ ЗА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ЧОВЕКОТ ЛЕТА“

    Меѓународното стручно жири на Фестивалот за аматерски документарен филм „Камера 300” одлучи највисокото признание на фестивалот, наградата Гран-при плакета „Милтон Манаки” да му ја додели на Франк Бекер од Англија, автор на документарниот филм „Човекот лета”.
    На петочната проекција на најдобрите, од пристигнатите 47 документарни филмови од 12 држави од Европа, меѓу нив 23 од Македо-нија, беше прикажан и најдобриот македонски документарен филм „Временски патник” на авторката Марина Трајковска, кој ја доби наградата златна „Камера 300”.
Освен најдобриот англиски и македонски документарен филм, беа прикажани и документарниот филм „Барајќи го Египет” на авторот Петре Чаповски кој ја доби наградата сребрена „Камера 300” и филмот „Постапките на храброста” на авторот Тинчек Ивануша од Словенија кој доби бронзена „Камера 300”, изјави Стефан Хаџи-антоновски, претседател на фестивалскиот совет.
    На 19.издание на Интернацио-налниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300”, во категоријата авторски награди, жирито за најдобар камерман го прогласи Валентин Иванов од Бугарија, наградата за режија годинава му припадна на Ролф Ман-долеси од Италија, наградата за монтажа ја доби Франц Копич од Словенија, а наградата за најдобра идеја Јетон Селими од Македонија за филмот „Златна белегзија”
По повод 100-годишнината од познатата репортажа на браќата Манаки посветена на султанот Решад Петти која е снимена за време на неговиот престој во Битола, од оваа година на Фестивалот за аматерски документарен филм  се додели наградата за репортажа, а прв добитник е  Оскар Сиемберг од Германија за филмот „Сеул, бисерот на Азија”, посочи Хаџиантоновски.
    Интернационалниот фестивал на аматерски документарен „Камера 300” што го организираат Народна техника и Киностудиото „Милтон Манаки”, доделија  и три специјални награди, односно награда за синеастичко изразување на Зорица Петровиќ од Србија, диплома за поттикнување на еколошката свест за Богоја Стојковски Пусторекански, а посебна награда за документарен филм, плакета на УНИКА доби битолчанецот Љупчо Петровски за филмот „Мојот живот”.
    Организаторите на ФАДФ „Камера 300” очекуваат в година, кога овој меѓународен фестивал ќе го одбележува јубилејот 20 години постоење, да се организира под патронат на УНИКА.