СЕ ГРАДАТ ТРИ НОВИ ТЕРЕНИ ЗА ТЕНИС ВО БИТОЛА

СЕ ГРАДАТ ТРИ НОВИ ТЕРЕНИ ЗА ТЕНИС ВО БИТОЛА

Деновиве ќе биде финализирана изградбата на трите нови терени за тенис во Битола. Проектот е дел од програмата на Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески, а за истиот склучен е договор помеѓу Општина Битола, Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт. Проектот е финансиран од Буџетот на Владата на Република Македонија и за истиот предвидени се 11 000 000 денари.

„Се наоѓаме во делот каде што и најавивме дека ќе има еден голем спортски комплекс под Тумбе кафе. Токму затоа веднаш почнавме со реализација на повеќе делови од овој комплекс. Покрај што започнавме со санација на кровната конструкција на спортската сала, ја завршивме малата сала, дел од екстериерот, и нашите вложувања во тој дел продолжуваат, започнавме и еден процес за ќумурното игралиште, каде што со Агенција за млади и спорт ќе реализираме еден проект за поставување на вештачка трева. Денеска имаме реализација на еден значаен проект кој што како содржина непостоеше досега во нашиот град. Се работи за три нови тениски игралишта кои што се во завршна фаза. Имаме еден двоен терен и еден единечен терен за тенес. После асфалтирањето ќе следува и еден завршен слој како што предвидуваат условите за играње тенис“, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.

Со изградбата на тениските терени се создаваат можности за младите тениски таленти да се развиваат во идни професионални тенисери, но истовремено се овозможуваат услови и за сите рекреативци, кои во се поголем број се занимаваат со овој спорт. Тениските терени ќе бидат современи, со осветлување за ноќни натпревари, пристапни патеки, жичена ограда и најсовремена подлога според сите стандарди на Светската тениска асоцијација.