НАЈДОБРИТЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ВЕШТА ЖЕНА 2013“ СО БЛАГОДАРНОСТ ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

НАЈДОБРИТЕ НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „ВЕШТА ЖЕНА 2013“ СО БЛАГОДАРНОСТ ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

Битолските претставнички на Републичкиот натпревар на „Вешта жена 2013“ кои оваа година го освоија првото место, денеска го посетија Градоначалникот на општина Битола со цел да изразат благодарност за големата поддршка која континуирано ја добиваат од општина Битола. Вештите жени од Битола секоја година од натпреварот во Тетово се враќаат со големи успеси:

„Веќе 10 години сум член на Републичкото жири во Тетово. Секоја година од републичкиот натпревар се враќаме со прво или второ место. Денес дојдовме да се заблогадариме на нашиот градоначалник кој постојано не поддржува за да можеме да учествуваме на натпреварот во Тетово“, изјави Радмила Петрова, организатор на Вешта жена за Битола.

Торта со филџан кафе и книга – тоа е првонаградениот мотив кој всушност ја симболизира и битолската традиција познатото „Кафе на Широк Сокак“.

„Втор пат учествувам на Вешта жена и успеав да го достигнам врвот. Инспирацијата дојде сосем случајно. Ова е голема мотивација да се продолжи понатаму“, изјави Лилјана Ѓорѓиески добитникот на првата награда на Републичкиот натпревар Вешта жена за 2013.

Големиот успех на вештите жени, нивната креативност и ентузијазам треба да бидат поттик за сите останати, но истовремено претставуваат и потврда на големиот потенцијал и креативност кои претставуваат гордост на Битола:

„Сакам да и се заблагодарам на претседателката која оваа манифестација пред многу многу години ја донесе во Битола и анимира многу сограѓанки на кои што им го пренесува своето лично искуство, а и тие меѓусебно многу соработуваат. Оваа година имаме повторно победничка од Битола. Им благодарам затоа што и на ваков начин афирмираат содржини од Битола. Самиот начин како сите овие симболи се искомпонирани потврдуваат за креативноста на вештите жени. Ги охрабрувам да продолжат вака, изјави Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.