ДИРЕКТОРКИТЕ НА КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ

ДИРЕКТОРКИТЕ НА КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ

 
Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески попладнево оствари средба со директорката на Кинотека на Македонија Мими Ѓоргоска-Илиевска и директорката на Кинотека на Хрватска Кармен Лотка. Повод за денешната средба беше почетокот на манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“ која од денес до 22 мај ќе се одржува во Центарот за култура во Битола.

Во идниот период Кинотека на Хрватска во соработка со Кинотека на Македонија ќе реализираат неколку веќе договорени проекти:
 
-Заеднички ќе вршиме реставрација на два документарни филмски наслови, односно филмот „Македонскиот дел од пеколот“ кој го режираше Ватрослав Мимица и филмот „Трите Ани“ на режисерот Бранко Бауер кои беа во продукција на „Вардар Филм“. Вечер по пауза од три години продолжуваме и со манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“, истакна Лотка.
 
Кинотека на Македонија во моментов работи на повеќе проекти и програми кои се презентираат низ градовите во Македонија, а интензивно се врши подготовка и на ДВД издание од филмскиот опус на браќата Јанаки и Милтон Манаки.
 
-По завршената реставрација и дигитализација на творештвото на браќата Манаки, сега интензивно подготвуваме ДВД издание од филмскиот опус на браќата Манаки. На овој начин овозможуваме големото филмско наследство на браќата Манаки да биде достапно до домашната и јавноста во светот. Промоцијата на овој проект очекуваме да биде на 27 октомври  – Светскиот ден за заштита на аудиовизуелното наследство, изјави Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Кинотека на Македонија.
 
Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески ја поздрави изработката на ДВД издание за филмскиот опус на браќата Манаки, и потврди тоа се совпаѓа со идеите и стратегијата на локалната самоуправа за оддолжување на големото дело на историските личности Јанаки и Милтон Манаки.
 
-Во новото кино на браќата Манаки што е во изградба планираме да поместиме постојана музејска изложба, восочни фигури на Јанаки и Милтон Манаки. Тоа ќе биде нашето оддолжување кон Браќата Манаки за нивното големо дело, изјави, Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.