ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МУЗЕИТЕ

ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МУЗЕИТЕ

Со едукативни работилници на повеќе теми за деца и млади од 5 до 18 година, денеска во НУ Завод и музеј Битола се одбележува Меѓународниот ден на музеите. Настанот е насловен како „Одиме во музеј“, а теми на работилниците се: „Музејски детективи“, „Сакам да бидам“, „Ова е мое дело“ и „Кај ми се комшиите?“ Домаќини на настанот се Том и Џери и принцезата од Убавицата и ѕверот.
Денешното одбележување на Меѓународниот ден на музеите во Битола е во организација на НУ Завод и музеј и Министерство за култура на Република Македонија, а под покровителство на Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.
„Сакам да го честитам Меѓународниот ден на музеите, а исто така да Ви честитам Вам на учесниците во овие работилници за вашата исклучителна креативност која ја покажувате. Исто така, честитки до организаторите за одличната организација на овој настан со кој се доближува нашето културно историско наследство и до најмладите генерации, рече Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески во своето обраќање до учесниците на денешните едукативно – креативни работилници.
Во денешните работилници учество зедоа учениците од повеќе основни училишта во општина Битола, како и децата од детската креативна работилница „Бири Бам“. Музичкиот дел беше збогатен со настап на Елена Стојчевска, „Адио Керида“ – гитара и вокал група од ученици од ОУ Стив Наумов, „Хава Нагила“ – во изведба на група ученици од ОУ Стив Наумов и Андреја Чукалкова и Мелани Мицковска – вокал и гитара, како и изведба на флеш моб од страна на децата од креативната работилница „Бири Бам“.
„Бескрајна е мојата радост денес кога ги гледам среќните лица на овие повеќе од 300 деца – учесници, кои го преполнија нашиот музеј, заедно со нивните вредни наставници и родители. Флеш мобот на Бирибам, маските Том и Џери, Принцезата, еврејските песни изведени од „Кај ми се комшиите“, настапот на музичките таленти со светски хитови уште повеќе го збогатија настанот кој многумина го нарекоа спектакл. Нашата институција повеќе од една деценија работи на подигнување на свеста кај децата од најмала возраст за вредното културно наследство. Тоа го постигнуваме низ креативни работилници и забава. Пријателството, дружењето и она што се учи во нашиот музеј се памети долго. Изразувам огромна благодарност до Градоначалникот М-р Владимир Талески за покровителството на настанот од мое лично име, од име на нашата институција, како и од сите учесници. Продолжуваме понатаму со исто темпо, изјави М-р Ирена Ружин, програмски директор на НУ Завод и музеј и раководител на проектот „Одиме во музеј“.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува од 1977 година во 120 земји во 30 000 музеи во светот. Целта на одбележувањето е да се подигне свеста за тоа колку се важни музеите за развој на општеството. Препорачаната тема за оваа година е „Музеј (меморија + креативност) = социјални промени“.